Иран претстави нови „камикази дронови“, објавено и промо ВИДЕО

од Nikola Popovski

Иранската војска во неделата претстави нов напаѓачки дрон дизајниран да лета кон целите и да експлодира, како оние што ги користеше Русија во војната во Украина.

Според државната новинска агенција „Тасним“, новото иранско беспилотно летало, чие име се уште не е објавено, е слично на рускиот дрон „Зала Лансет“, кој првпат беше произведен во 2020 година.

„Тасним“ во текстот објави видео од новиот дрон.

Иран тврди дека постигнал голем напредок во производството на беспилотни летала во последните години, а руските сили во инвазијата на Украина интензивно користат беспилотни летала од иранско производство.

САД, Велика Британија и Канада во четвртокот воведоа нови санкции кон Техеран, насочени кон производството и извозот на беспилотни летала во земјата, по иранските воздушни напади врз Израел.

Иран ги осуди ваквите мерки.

„Тие санкции нема да влијаат на нашата волја, напротив… само ќе ја зајакнат волјата на нашата воена сила и независноста“, изјавил портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани.

Канани тврди дека Иран има легитимно право да се вооружува во одбрана на земјата, исто како што е легитимно да се преземе воена акција против непријателска агресија како што е израелската.

Иранските напади врз Израел следеа по наводниот израелски воздушен напад врз комплексот на иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа, меѓу другите, високи членови на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.

Слични содржини