Бошков: Домашниот пазар се уште е на лопата – со самото следење на новите технологии, неминовно е да се зголеми продуктивноста

од Nikola Popovski
364 прегледи

31 милион евра или шест повеќе од лани се предвидени за подобрување на пазарот на труд со квалификувана работна сила. Минималната плата во март, но финалните пресметки ќе се прават според индексот на трошоци во февруари-велат од Економија. Неопходно е зголемување на производството за намалување на увозот и цените – ова беа дел од поентите на последниот брифинг на министерот за економија, Бесар Дурмиши за 2024 година.

Проценката на Министерството за економија е дека минималната плата од март годинава ќе биде 24.400 денари, односно 400 евра. Висината на минималната плата во бруто износ секоја година се усогласува со 50 отсто од порастот на просечната исплатена нето плата за претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот, според податоците од Државниот завод за статистика. Синдикатот жестоко ја критикува оваа проценка на министерот. Велат дека 24.400 денари не се доволни за достоинствен живот. Остануваат на барањето да се подобри животниот стандард на граѓаните, за да се изедначат платите со регионалните минимални приходи кои растат и да се спречи одливот на работна сила во западна Европа.

Околу оваа проблематика, но и ситуацијата со економијата, поразговаравме со претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков. Тој во разговор за „Локално“ го оправдува потегот на Владата да го сопре процесот на покачувањето на минималната плата. Сепак, вели, морам да признаам дека можеби овој е еден историски момент затоа што досега со владата и со социјалните партнери преговаравме поврзано со минималната плата и останатите други прашања од трудовата легислатива кои требаа да бидат процес на бипартитно договарање односно на договор меѓу синдикатите и работодавачите.

-Ова за нас е еден сериозен исчекор во демократските процеси и се надеваме дека понатаму исклучиво ќе биде дел од процесот на преговарање меѓу работодавачите и работниците односно синдикатите, посочува Бошков.

На прашањето дали платите се причина за егзодусот на работната сила од земјава, соговорникот истакнува дека не е баш така, бидејќи, како што додава, луѓето, покрај парите и платите, бараат и каде добро да ги потрошат.

-Меѓутоа им недостасува сигурност во судството, сообраќајот, здравството, намалена корупција, отчетност на трошењето на јавните пари, сето она што тие не го прават и очекуваат дека во некое друго општество, многу подобро ќе се реализира и регулира тоа, смета Бошков.

Според првиот човек на Бизнис Конфедерецијата, генерално политиките во приватниот сектор се насочени кон зачувување на работната сила и вработените. Меѓутоа од друга страна како држава, констатира Бошков, јас и моите колеги не гледаме дека има политики на препознавање на квалитетни кадри и наоѓање на политики за зачувување на тие кадри.

-Можеби ќе треба да се најде друг модел или треба да се размисли или да се поттикнат сите чинители и заинтересирани страни (работодавачи во приватен сектор, работодавачи во јавен сектор и локални агенции) за задржување на квалитетната работна сила и нормално нивно компензирање за да можат да имаат доверба и да сакаат да работат тука, оценува тој.

Околу зачувувањето на работниците дома, Бошковски вели дека најголемиот предизвик е да останат и дека најбитни се одржливоста и загарантираниот континуитет.

-Среќа во 2024 година, политиките на оваа Влада беа да не ја менува даночната политика – тоа е една предвидлива состојба која може да ги охрабри компаниите да останат на својот план за работа. Од друга страна, инфлацијата и варирањето на цените, без разлика дали се ресурси, енергетика или суровини, не секогаш зависат на мал пазар како што се македонскиот, како мало влијание на глобалниот пазар во секојдневните текови. Мора да се биде многу внимателен, да се проценуваат сите состојби, да се биде информиран и постојано да се следи глобалната економска сцена, потенцира соговорникот.

Во однос на домашниот пазар, Бошков смета дека е некако изолиран од глобалниот пазар.

-На домашниот пазар имаме една состојба – ние сме се уште на ниво на воведување на роботика, а економијата во светот веќе разговара за вештачка интелигенција и тотална дигитализација. Мораме да разбереме дека недоволно е роботизирањето и дигитализацијата како дел од целокупната дигитализација. Мора вложување и следење на процеси. Со самото следење на новите технологии, по апсолутизам неминовно е да се зголеми продуктивноста. Се додека сме на лопата, џабе ни е што и да зборуваме, ако не го менуваме тоа, тврди претседателот на Бизнис конфедерацијата.

На прашањето како стоиме во однос на законските регулативи и кои се неговите препораки до новата влада за одржување на добра кондиција на стопанството, Бошков наведува дека е потребна предвидливост во целата коорпоративна законска регулатива и тоа е најважната работа. Сметам дека со одредено добро предвидување, одредени најавени инвестиции, одредено реализирање на тие најавени инвестиции можеме да дојдеме до предвидливо стабилна економија.

-Судејќи по планот и програмата на Владата, очекуваме дека одредени закони и одреден дел од легислативата ќе биде насочена кон економски развој. Очекуваме дека со самото реконструирање на политичката сцена на локално ниво, сметаме дека ќе биде и во насока на подобрено, експидитивно и исполнително услужно водење на бизнис. Што се однесува до македонските компании, очекуваме врз основа на тоа што го кажав претходно и врз основа на доброосмислени планови дека ќе има шанси да напредува и да има раст, но да биде фокусирано на задоволување на универзалните стандарди за македонските потрошувачи и цели, а понатаму и пенетрирање и на глобалниот пазар, објаснува тој.

Неговата препорака за работодавците за 2025 година е дека мора да се фокусираат на транспарентното, легалното усогласено работење.

-Без оглед на сериозната нелојална конкуренција, да потенцираат дека се лојални кон законската легислатива и лолајни кон своите потрошувачи и добавувачи и понатаму со добар план, да истраат во својата визија за економска одржливост, заклучува Бошков.

Уште на почетокот на декември 2024 година, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата нема да се меша во преговорите меѓу синдикатите и работодавците, велејќи „сè што ќе договорат ние ќе прифатиме“. Ова тој го изјави по втората седница на Економско-социјалниот совет. Според него, во буџетот има пари за законското зголемување на минималната плата во март, а ако недостигаат пари, ќе има и ребаланс, но товарот на растот паѓа врз газдите.

Во новогодишно интервју за МИА, тој истакна дека законско зголемување на минималната плата секако ќе има.

-450 евра е барањето на опозициската СДСМ која што и после седум години неаргументирано настапува. Законски секако ќе има и врз основа на моменталните позитивни законски критериуми, ќе треба да ја зголеми минималната плата на ниво од 24 илјади денари. Тоа секако е предвидено. Но, доколку работодавачите и работниците се согласат за поголемо зголемување, многу лесно како Влада можеме законски да интервенираме и ќе го прифатиме. Да немате дилема бидејќи ако гледаме од името на Владата, со зголемување на минималната плата, тоа значи повеќе средства во Буџетот и за придонеси. Ние не сме елемент во кој што некому нешто даваме или земаме. Ако гледаме од призмата на нашиот интерес, можеби е пдоборо да се зголеми. Секој договор меѓу работодавачите и работниците, ние ќе го поддржиме, додаде Мицкоски.

Во моментов, околу 35.000 работници земаат минимална или под минимална плата.

В.З.

Слични содржини