Анализа од Германија: Србија најблизок сојузник на Русија во Европа, Вучиќ веќе 17 пати се сретна со Путин

од Nikola Popovski
74 прегледи

Србија е најблискиот европски сојузник на Русија, а корупцијата е сеприсутна во таа балканска земја, се вели во анализата објавена од германската фондација Фридрих Науман.

„Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, веќе 17 пати се сретна со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. Во 2019 година, Вучиќ во Москва го доби Орденот Александар Невски, кој вообичаено се доделува на големи руски дејци. Тоа беше еден од најсреќните моменти во неговата политичка кариера“, се наведува во анализата „Русија и пионерите на автократијата: како Кремљ ја дестабилизира Европа“, чиј автор е новинарот и универзитетски професор Томас Бреј.

Се додава дека режимот во Србија се обидува да ја спроведе политиката на „српскиот свет“ врз основа на сличен проект на „рускиот свет“.

„Оваа големосрпска програма беше една од причините за крвавите војни за време на распадот на Југославија“, се вели во анализата.

Се потсетува дека Србија не ја усогласи својата политика со ЕУ и не воведе санкции против Русија.

„Националната авиокомпанија Ер Србија сè уште лета неколку пати неделно до Москва и другите руски градови. Во близина на градот Ниш на југот на Србија има руско-српски хуманитарен центар, кој критичарите на Запад го сметаат за центар на руските разузнавачки служби“, се наведува во анализата.

Се додава и дека провладините медиуми во Србија се главните носители на руската пропаганда.

„Уште поважно е тоа што српските функционери, особено оние на високи владини позиции, првенствено шират проруски и антизападни наративи“, се вели во анализата.

Според објавеното, во тие медиуми „Русија е издигната на небо, додека Западот е буквално демонизиран“.

Се зборува дека Вучиќ всушност шири руска пропаганда во неговите интервјуа за западни медиуми.

Се нагласува дека, иако Германија е најважниот партнер на Србија, таа често во Србија се прикажува во многу негативно светло.

Во анализата се наведува дека „без разлика дали е Путин од Русија, Орбан од Унгарија, Вучиќ од Србија или Фиц од Словачка – нивните системи на политичка контрола и зачувување на власта се насекаде исти“.

„На прво место е новиот национализам, кој е поттикнат од тврдењето дека соседните земји, НАТО, САД или ЕУ ја загрозуваат сопствената нација“, се вели во анализата.

Покрај централизираните и цензурирани медиуми, се наведува во анализата, клучна алатка за зачувување на власта е систематското поткопување на сите државни институции како што се парламентот, владата и министерствата, судството, локалните власти и независните надзорни тела.

„Исто така, пазарот на трудот е политички инструментализиран. Многу позиции во администрацијата и економијата може да се добијат само преку владејачката партија СНС. Не е ни чудо што неверојатни десет проценти од вкупното население го сочинуваат членови на СНС. Овие членови играат клучна улога во манипулацијата на изборите, бидејќи се должни да соберат сигурни гласови од своите семејства и колеги“, стои во анализата.

Се додава дека Вучиќ „како во некоја реална телевизија, како сеприсутен претседател ја држи јавноста во постојана возбуда“.

„Речиси секој ден се појавува на ТВ екраните, честопати зборувајќи со часови за да им презентира на граѓаните важни, големи, неверојатни или драматични приказни, како што најавуваат владините медиуми. Станува збор за приказни за заговори, организиран криминал, сценарија на страв за иднината, спектакуларни странски инвеститори, поставување темели или отворање модерни болници, патишта, фабрики, железници и електрани“, пишува германската фондација.

Слични содржини