Претставниците на Маркус Рашфорд пристигнаа во Милано за да се сретнат со претставници на Милан и да разговараат за можните опции за позајмица на напаѓачот во клубот од Милано, според голем број авторитетни публикации во двете земји.
Изминативе денови се зборуваше за интерес за напаѓачот од страната на „росонерите“, а самиот напаѓач е во видно затегнати односи со новиот тренер на „црвените ѓаволи“ Рубен Аморим. Португалецот го остави Рашфорд надвор од тимот на пет од последните шест натпревари на англискиот гигант и не даде никакви индикации дека има намера да ја промени својата позиција и да се потпре на играчот.
Братот на Рашфорд – Двејн Мејнард, кој исто така е агент, пристигна за да има конкретни разговори за можностите за евентуален договор. Двете страни се надеваат дека играчот ќе добие дозвола од „Олд Трафорд“ да се пресели на „Сан Сиро“ на позајмица, но Манчестер Јунајтед ќе мора да покрие значителен дел од платата на играчот бидејќи Милан не може да си ја дозволи високата плата од 315 илјади фунти неделно.
Интерес за Рашфорд пројавуваат и Јувентус, Борусија Дортмунд и Галатасарај, а пред неколку дена се зборуваше дека од „Олд Трафорд“ можеби ќе се обиде да го искористи во евентуална зделка за Виктор Осимен.