Костадинов го замени Каракачанов и „доби сила“ од Трамп: Дали политиката на претседателот на САД ќе придонесе за територијални претензии на Западен Балкан?

од Nikola Popovski
731 прегледи

Циркузантска шега или сериозна закана? Ваква дилема се поставува во јавноста откако бугарскиот политичар Костадин Костадинов посакува официјална Софија да ја анектира Македонија и нејзината територија, како и одредени делови на Украина да се припојат со бугарската држава.

Дел од аналичарите во земјава не ги сфаќаат сериозно ваквите изјави на лидерот на партијата која во моментов е трета по големина според освоените пратенички мандати во бугарското собрание. Политичкиот аналитичар Александар Ристевски оценува дека и по последните избори нема никој да ја води Бугарија и дека повеќе од веројатно пак ќе се оди на гласање.

Александар Ристевски

-Костадинов само пробува да го пополни просторот кој му го дава полураспаднатата ВМРО-БНД, а претходно Атака на Сидеров, па пробува да се факторизира. Циркузант кој прави штета, ништо повеќе, вели Ристевски во изјава за „Локално“.

Костадинов беше инспириран од последната изјава на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој ја сподели својата желба за припојување на Канада кон САД, трансформирајќи ја во 51. сојузна држава. На прашањето дали враќањето на Трамп на чело на американската администрација и неговата политика ќе придонесе и за други вакви територијални претензии поврзани со земјите од Западен Балкан, соговорникот одговара:

„Видела жабата дека не коњот ставаат потковици, па и та ја кренала ногата. Да, еден маалски политичар во најсиромашната ЕУ земја, се споредува со мултимилијардер и престедател на најголемата светска велесила е смешно“.

За Ристевски, враќањето на Трамп беше логично, после начинот на кој тој ги загуби изборите пред четири години од Бајден.

-Чекорите понатаму и потезите кои ги влече не сметам дека ќе повлечат други слични, иако повеќе од очигледно е дека Трамп има за цел да ја врати моќта и силата на САД која ја имаа во минатото. Мислам дека многу повеќе ќе даде приоритет на внатрешна реорганизација на самата држава, отколку некакви екскуризии од овој тип за кои сега зборува, анализира аналитичарот.

Од друга страна, професорот и политички аналитичар, Самоил Малчески смета дека тоа е политика на нашиот источен сосед од 1878 година па наваму и мене воопшто не е изненаден.

-Ме изненадува дилентантизмот на посочениот господин. Како прво, Македонија е членка на НАТО алијансата и тоа е гаранција за нашите граници. Како второ, за да се случи тоа треба да има референдум во Македонија и мнозинството од граѓаните да се изјаснат за такво нешто што во овој момент е невозможно.

Самоил Малчески

Доколку поголемите бугарски партии наседнат на ваквата реторика, тоа би им била втора поголема грешка во последните години, а е поврзана со Македонија. Прв пат, тоа го направија кога тргнаа по паметот на Каракачанов. Мислам дека ја имаат научено лекцијата и нема да си дозволат таков втор таков голем кикс, вели Малчески во разговор за „Локално“.

Напоменува дека на оваа реторика во Македонија воопшто не треба да се обрнува внимание.

-Сите што ќе пробаат да калкулираат, би ги поздравил со една мудра реченица на големиот Гоце Делчев, цитирам: „Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец“, потенцира соговорникот.

Како и Ристевски, и Малчески не верува дека враќањето на Трамп ќе придонесе за други вакви територијални претензии поврзани со земјите од регионот на Западен Балкан.

-Многу често сме сведоци на политички сарказам на претседателот Трамп, но кога станува збор за стратешки одлуки тој секогаш носел мудри одлуки, потенцира професорот.

Лидерот на ултранационалистичката и екстремно десничарска бугарска партија „Преродба“, ја повика владата во Софија официјално да ги покрене барањата за припојување на Македонија и украинскиот регион Јужна Бесарабија кон Бугарија. Во објава на Фејсбук, Костадинов ги поддржа изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал, нагласувајќи дека и Софија треба јавно да излезе со барање за анексија на Македонија и Јужна Бесарабија.

„Барањата на Трамп кон Канада се целосно оправдани. Нема ништо пологично и поприродно од две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и, во голема мера, исти луѓе, како што се САД и Канада. да стане една држава Истото важи и за барањата на Трамп во врска со Панамскиот канал. барањата на новоизбраниот американски претседател“, наведе тој во пораката и продолжи:

„Иста е ситуацијата и со Македонија. Нема ништо пологично од тоа две држави со заедничка историја, потекло, јазик и народ да станат една држава. Сличен е и случајот со Јужна Бесарабија. Беше дел од бугарската држава за повеќе од 450 години, Бугарите се домородното население на таа област (од 6 век) и до денес го сочинуваат мнозинството од населението За споредба, Украина ја поседува Јужна Бесарабија само 34 години.

„Затоа нема ништо пологично од обединување на Бугарија и Македонија во една заедничка држава, како и враќање на Јужна Бесарабија на Бугарија. Украина се распаѓа, а на идниот мировен конгрес на кој ќе се решавата судбината на неуспешната таканаречена украинска државност, Бугарија треба да ги потврди своите барања за бугарска „Бесарабија“, напиша Костадинов во објавата на социјалните мрежи.

„Преродба“ на чело со Костадинов на последните парламентарни избори во Бугарија освои 12,92 отсто од гласовите и 35 пратенички места, со што стана трета по големина политичка сила во 240-члениот бугарски парламент.

Н.П.

Слични содржини