ДУИ преку соопштение го обвини СДСМ дека ги користи политиките на ВМРО-ДПМНЕ за да опстане на политичката сцена. Од партијата велат дека СДСМ „наместо да се соочи со сопствената криза и да ја преземе одговорноста за нивниот неуспех, таа бара спас хранејќи ги Македонците со лажниот непријател: Албанците“.
-Но, вистината е едноставна: Македонците не ја мразат ДУИ затоа што е наводно корумпирана – ја мразат затоа што ДУИ ги зајакна Албанците и ја смени старата рамнотежа на моќта .
Тие не ја гледаат ДУИ како криминален проблем, бидејќи самите македонски партии владеат со оваа држава 30 години, ја ограбуваат и деградираат.
Македонците денес се манипулирани да веруваат дека Албанците се нивна егзистенцијална закана. Но, кој ја засадува оваа идеја? Денес, македонските партии, со експоненти на „српскиот свет“ на чело на владата, кај Македонците им влеваат страв дека Албанците им се непријател, наведуваат од Мала Речица.
Во реалноста, додаваат од ДУИ, Албанците не биле и не се егзистенцијална закана за Македонците.
-Нивната вистинска закана се оние кои ја негираат нивната црква, нивниот јазик, нивниот идентитет. Оние кои сакаат да ја задржат С.Македонија слаба, изолирана и поделена се тие кои ја вбризгуваат оваа психологија на страв. Албанофобијата не е спонтано чувство на Македонците – тоа е политички проект, поттикнат и финансиран од странски интереси за да се задржи С.Македонија заложник на конфликти и несигурност, рекоа меѓу другото од партијата на Али Ахмети.
Ваквата реакција следува откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја обвини ДУИ за политики кои го кочат напредокот на Македонија, нагласувајќи дека неформалната соработка со ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја комплицира политичката состојба.
„Коруптивниот багаж кој го носи оваа партија е нешто од што јасно се дистанцираме. Нивната реторика, заснована на етнички тензии и поделби, е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество“, изјави Филипче.