Не изненадува фактот што УПОЗ како прв чекор го презема штрајкот, наместо дијалогот кој е прв демократски начин и метод за функционирање, изјави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева за протестот на дел од јавната администрација
Портпаролката посочува дека се подготвени да разговараат на секоја тема, но порачува дека секој штрајк треба да биде организиран во согласност со законот, да биде спроведена и постапката за помирување која е задолжителна и да се определат можни работи кои мора да се вршат.
-Бидејќи за жал ниту еден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и остава силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран. Владата е отворена за секаков вид на предлози и сугестии, рече Митева на прес-конференција во Владата.
-Интересно е што изминативе години, овој синдикат како да молчеше за ова прашање и со жалење се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина на синдикатот кој што делува како продолжена рака на партиите кои досега ги злоупотребуваа правата на работниците, додаде Митева.
Владата не е задоволна од нивото на платата на администрацијата, но, тврдат дека дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање на решение.