Тажна вест го потресе македонскиот ракомет откако ноќеска ненадејно почина некогашниот репрезентативец Александар Јовиќ. Јовиќ почина на 51 годишна возраст, а последно работеше како тренер на македонскиот суперлигаш Пролет.
Александар Јовиќ е роден на 24 септември 1973 година во Бјелина, БиХ, но најголемите успеси во кариерата ги направи во Македонија, носејќи го дресот на Вардар, Металург, Пелистер…
Јовиќ беше и поранешен македонски репрезентативец како дел од генерацијата која го вивна македонскиот ракомет на европската и светската сцена. Беше дел и од генерацијата на Македонија која играше на СП 2009 и ЕП 2012.
Тренерската ја почна во Автокоманда, ги водеше Металург 2 и првиот тим, а потоа работеше во Битола во Еурофарм Пелистер 2 и во првиот тим, каде имаше голем успех и ја врати титулата по 18 години, пред да го преземе Пролет.
Ваквата тажна вест доаѓа само на неколку часа пред настапот на нашата најдобра ракометна репрезентација на Светското првенство во Хрватска.