Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска реагираше на постапките на директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, за која велат дека спроведува отворено дискриминаторски пристап со цел да ги потчини и исклучува Албанците од оваа институција.
„Вонредната контрола на Државниот управен инспекторат, покрената по анонимна претставка со тенденциозна и антиалбанска содржина, не е ништо повеќе од оркестриран обид да се отстранат вработените Албанци и да се создаде амбиент каде што ќе се третираат како граѓани од втор ред.
„Андоновска од првиот ден на функцијата отворено ја демонстрираше својата намера да го намали присуството на Албанците во оваа институција, почнувајќи од смена од раководни позиции, изолација во посебни канцеларии и нееднаков третман во работната организација. Оваа политика на исклучување е неприфатлива и претставува директен напад на еднаквоста и социјалната кохезија. Нема да дозволиме ваквиот дискриминаторски пристап да остане неоспорен и да бараме одговорните институции да преземат мерки за да се запре оваа неправда. Етничката дискриминација нема место во ниту една јавна институција и правата на секој граѓанин мора да се почитуваат без разлика“, се вели во реакцијата на партијата од Мала Речица.
Веднаш со став се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. Посочуваат дека Андоновска спречи и исправи членови на ДУИ и СДСМ да седат дома, не одат на работа, а земаат плата.
-ДУИ реагира затоа што е ставен крај на криминалот кој се правел во оваа институција, со која 15 години раководел кадар на ДУИ. Денес криминалците од ДУИ реагираат зошто директорката на Институт за јавно здравје Марија Андоновска го зголеми обемот на работа, ги зајакна протоколите и ги затвори одливите на средства наместо членовите на ДУИ и СДС вдомени во таа институција да се однесуваат недомаќински и криминално. Денес криминалците од ДУИ реагираат не поради тоа што им е грижа за состојбата со Албанците туку затоа што има вонреден инспекциски надзор и затоа што вработената администрација не полагала административен испит, а законски требала, стои во соопштението од „Белата палата“.
Државниот управен инспекторат спроведува инспекциски надзор во Институтот за јавно здравје откако била поднесена анонимна пријава дека вработени во одделот за администрација не полагале испит за административен службеник. Оттаму додаваат дека откако ќе го добијат записникот ќе постапат согласно законот и ќе ја известат јавноста дали навистина се случила повреда на законот со што тие вработени ќе бидат ставени во подредена позиција.