Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од „Илинденска бр.2“ за протестите на дел од јавната администрација и барањето за поголеми примања. Оттаму велат дека за шест месеци како Влада направиле многу повеќе за граѓаните од тоа што го направи претходната Влада за 7 години.
-Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое што учествуваат и на кое што секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат.
Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите.
Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност, наведуваат од Владата.
Тврдат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
-Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните, соопштија од Владата.
Дел од администрацијата и денеска на получасовен протест. Синдикатот на УПОЗ не се откажува од барањето за зголемување на платите за 30 проценти. УПОЗ побара од сегашната опозиција да не се „лепи“ на протестите и штрајкот на дел од јавната администрација поради ниските примања. Велат дека „имаа седум години“ да го решат проблемот, но, „направија се што можат да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата Влада која поништи колективен договор“.
Трпе Деаноски од УПОЗ упати и порака до актуелната Влада која рече дека штрајкот бил политички мотивиран.
-Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година има организирано три штрајка и најмалку 20 протести. Барањата остануваат исти и апелираме до Владата и ресорните министерства што поскоро да започнеме преговори и да најдеме заедничко прифатливо решение, кажа тој на вториот ден од протестите и додаде дека дел од вработените во некои министерства имале притисоци за да не излезат да протестираат, но засега не сакаше да открие во кои ресори се случува такво нешто.
Од пред зградата на Министерството за култура, на прашањето дали е реално барањето за 30% поголем износ на платите, Деаноски вели дека во неколку министерства и институции веќе имаат потпишано колективни договори со ова барање.