Постојат оперативни информации каде се наоѓа Груби, рече Тошковски

од Nikola Popovski
208 прегледи

Има оперативни информации за дел од лицата кои што се опфатени со предистражните постапки. Стапено е во контакт со надлежните служби во рамки на државите за кои имаме добиено оперативни информации. Се разменуваат таквите информации помеѓу себе, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за дел од обвинетите екс-функционери кои се во бегство од земјава, пред се тука се мисли за поранешниот вицепремиер и министер Артан Груби.

Сепак, како што вели тој, официјална потврда од орган за тоа дали лицата се на нивна територија, моментално немаат.

Министерот во синоќешната емисија „Клик плус“ изрази жалење оти изјавите дека некој е чист како солза и дека нема сторено ништо незаконски, алудирајќи на изјавите што ги даде Груби по неговото напуштање на државата, се испоставиле лажни.

Тој зборуваше и за полицискиот службеник на граничниот премин кој не го проверил екс вицепремиерот Артан Груби дека се наоѓа на мерка „стоп“ и го пуштил непречено да излезе од државата.

-Одделот за внатрешна контрола утврди дека направена е кардинална грешка од полицискиот службеник кој што требало да го запре, да го легитимира, да извести и да постапи по мерки од неговиот надреден во насока на напаствијата кои што ги дало Јавното обвинителство, порача Тошковски. Како што вели, веќе е поднесена кривична пријава против полицискиот службеник кој што дозволил да се случи ова.

Тошковски рече и дека во министерството со кое раководи има повеќе службени позиции отколку работници и поради тоа ќе има кратење на работните места.

Слични содржини