ВМРО-ДПМНЕ го обвини Филипче за „уништување на здравството“

од Nikola Popovski
77 прегледи

За време на министерувањето на Венко Филипче и владеењето на СДСМ, во здравството не се направи ништо за да се подобрат условите, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението на СДСМ за состојбите во ресорот. Според партијата на власт, „наместо да ги средува состојбите и да ги подобрува условите во здравството, претседателот на најголемата опозициска партија како министер го интересираа само провизиите од местењето тендери“.

-Само затоа што го интересираа само провизии од тендерите, Филипче како министер за здравство дозволи да се постави криминална модуларна болница во Тетово, во која живи изгореа 14 лица. А одговорност за тоа, Филипче не сноси зошто, замислите, кабелот бил крив.

Филипче е министер за здравство во чие време Македонија ја позиционираше високо на европските и светски листи по смртност од корона вирусот. Официјалните податоци покажуваат дека во државата од корона вирусот починале скоро 10 илјади македонски граѓани.

Филипче, исто така, е министер кому му колабираше системот со сообраќајката на Дурмо Турс во која животот го загубиле 16 лица. А тоа се случи најмногу поради лошата поставеност на здравството со кое раководеше Филипче, рекоа меѓу другото од партијата на Христијан Мицкоски.

Претходно од „Бихаќка“ соопштија дека трагедиите со починати деца отвораат низа прашања не само за Клиниката за детски болести туку и за целокупниот здравствен систем, за кои јавноста заслужува итни и јасни одговори. Оттаму партијата на Филипче побара оставка од министерот за здравство и директорот на Детската клиника.

-Како се случуваат ваквите пропусти? Каде затајува системот? Дали се прават обиди за прикривање лекарски грешки? Во 21 век, во време кога во светот се лансираат современи технологии во здравствениот систем, нашата статстика лани за само шест месеци регистрираше 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова е страшно и загрижувачки, рече Белкиса Зеќири, членка на Извршниот одбор на СДСМ и побара инсистира на темелна истрага, длабоки анализи и превентивни мерки.

Слични содржини