За учениците во основните и средните училишта заврши тринеделниот зимски распуст од учебната 2024-2025 година. Наставата од второто полугодие почнува денеска на 20 јануари.
Учебната 2024-2025 ќе заврши традиционално на 10 јуни. Нема да биде продолжена како минатата учебна година, кога за основците заврши на 17 јуни, бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани (29 април – 6 мај 2024).
За укинувањето на пролетниот распуст Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија. Како што информираа од МОН мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.
На почетокот на новата учебна година од МОН рекоа дека таа ќе започне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што во последните седум години е намалена за 17 илјади.