Демократската унија за интеграција реагираше на неодамнешните изјави на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која изјавила, како што велат од ДУИ, дека „неиспровоцираната и насилна агресија на Русија врз Украина е опишана како воена операција“. Од ДУИ истакнуваат дека ваквиот наратив е неприфатлив и е во спротивност со позициите на нашата земја како членка на НАТО и како земја аспиранти за евроинтеграции.
„Опишувањето на крвавата агресија што предизвика бескрајно страдање како „воена операција“ ги релативизира криминалните дела и ја негира горчливата реалност што ја доживува украинскиот народ. ДУИ го потврдува својот непоколеблив став за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и го осудува секој обид за употреба на јазик што одговара на пропагандата на Кремљ. Високите државни претставници мора јасно и одговорно да ја одразуваат позицијата на нашата земја, почитувајќи ги нашите меѓународни определби и стратешки сојузи. Ја повикуваме претседателката да размисли за нејзината одговорност достоинствено и јасно да ги застапува интересите и вредностите на Македонија“, соопштија од партијата на Али Ахмети.