Претседателот на САД, Доанл Трамп, најави царини за ЕУ и зголемување на увозните давачки од Кина за 10 насто од први февруари откако претходно се закани со царини од 25 насто за Канада и Мексико. „Имаме дефицит од 350 милијарди долари со Европската Унија. Со нас се однесуваат многу, многу лошо и затоа ќе мора да се соочат со царини“, рече тој. Од ЕЦБ велат дека Брисел мора да биде подготвен за новите тарифи. Од ЕУ со став, ќе ги бранат интересите на блокот на пропорционален начин. „Ќе ги браниме нашите легитимни интереси доколку тоа биде потребно“, изјави Олоф Гил, портпарол на Европска комисија. Од Белата куќа додаваат дека царините за Мексико и Канада имаат цел да ги притиснат двете држави да ја запрат илегалната миграција и трговијата со опасната дрога фентанил во САД.
Какви се прогнозите?
Според професорот по економија и претставник на УО од Хајделберг Факултет во Скопје, Синиша Наумоски, ЕУ или земјите-членки на Еврозоната излегоа од рецесија и се на еден минимален раст кој што се движи околу 1%, а тоа се должи најмногу на кризата на германската економија. Со воведувањето на царините, објаснува Наумоски, Европа ќе биде спремна и тоа ќе го врати реципроцитетно. Сепак, да остава простор да почекаме и да видиме што ќе каже 2025 година, бидејќи, како што вели, сум на мисла дека ЕУ и САД имаат една и единствена шанса да бидат посилни во борба против источните земји, особено со кинеската економија и руското влијание на воените жаришта.
-Моите прогнози околу економскиот раст е дека 2025 ќе биде тешка година за ЕУ бидејќи Европејците, исто како и американската државна власт, имаат за цел да ја сведат инфлацијата до 2%. Како што знаеме заклучно со декември, во американската економија инфлацијата се движи некаде околу 2,9% што е повисоко од нивото од пред пандемијата со Ковид-19 и затоа федералните резерви на САД имаа неколку значајни одлуки уште пред стапи на власт новата администрација. Оттаму уште веднаш ќе биде притисокот или координацијата со ФЕД во однос на сите чинители да бидат во функција на намалување на инфлацијата на 2%, што значи економскиот раст на ЕУ ќе се движи некаде околу 1% што значи дека ќе биде година на борба со инфлацијата, истакна соговорникот во разговор за „Локално“.
Како што кажа Трамп на првиот ден од инаугурацијата, САД ќе формира Служба за надворешни приходи за да може да ги собира тарифите и давачките кои би се слевале во американската економија.
-Јас сум припадник на економистите кои што мислат дека цената на тарифите не е од надвор кои влегуваат во Америка туку вообичаено американските трговци ги пренесуваат трошоците како увозни даноци на американските потрошувачи. Затоа треба многу внимателно да се анализира одлуката за воведување на тарифи особено кон ЕУ. Најголемиот притисок е кон Канада и Кина поради некои други анализи на новата администрација. Во однос на прашањето дали овие потези ќе значат намалување меѓу трговскиот дефицит на ЕУ и САД – мислам дека не и треба дополнително да се преиспита оваа одлука на Америка. Во спротивно, Европејците би овозможиле реципроцитет кон таа одлука и тоа би било нерационално, но, ќе видиме – Трамповите визии се поинакви и мислам дека неговата администрација знае што прави и што сака да постигне, тврди професорот.
На прашањето како евентуални царини ќе влијаат на Македонија и дали треба да очекуваме зголемување на цени и во кои области, Наумоски е на мисла дека македонската економија ќе има засилување во 2025 година бидејќи според него, можеме да се надеваме на одредени позитивни влијанија во однос на политиките на ЕУ за приближување на компаниите од источните земји на европскиот континент.
-Македонската економија тоа треба да го искористи и менаџерите на државните власт да го засилат своето лобирање кај европските стопанственици и големи компании и секако во САД преку билатералните врски кои ги имаме со новата администрација во Вашингтон. Македонската економија ќе биде во поголема динамика на раст. Моите очекување се дека ќе се движиме некаде околу 3% бидејќи сепак ќе биде предизвик и кај македонските власти да ја сведеме инфлацијата на посакуваните 2%, објаснува професорот, додавајќи дека ова е почеток на една нова Америка и верува во визиите и краткорочните цели на сериозно рекомпонирање и репозиционирање на американската економија.
Само ако погледнете во првите 11 потпишани одлуки на Трамп на првиот ден од преземањето на власт, анализира Наумоски, тој направи две круцијални редефинирања на Буџетот кој што се мери во милијарди евра. Првото е во напуштањето на СЗО каде што оправданоста ја гледа во огромните издатоци кои што Америка ги има во сетот на членки на СЗО со оглед на тоа што неколкукратно има помал број на жители во споредба со Кина.
-Пекинг има близу 2 милијарди жители, а 30 милион евра издатоци годишно, додека Вашингтон има десетпати повеќе. Тоа ќе биде одреден притисок за рекомпонирање на Буџетот и одредена заштеда кон зголемување на економскиот раст. Второто е напуштањето на Парискиот договор за климата која иако е контроверзна одлука, но насочена кон заштеда на огромни милијарди евра кои се издатоци, а непотребни за вложувања во некои земји како што тоа го смета новиот претседател. Најголемата борба за репозиционирање на американската економија на пиедестал број 1, како што беше долго време, ќе биде во сериозна борба за евтините енергенси. Тоа ќе значи дека американската држава ќе дозволи производство на евтина нафта, евтини деривати и гасот кој што ќе биде во функција на спротивставување на Русија и источните земји. Во тој поглед многу е важно со кого ќе се договори американската администрација. Има два начини – договор со кинеската или руската економија. Мислам дека во мудроста на водењето на политиката, Трамп, сепак ќе излезе како победник. Тоа се оптимистичните гледања на настаните, оценува соговорникот.
На констатацијата дали политиката „трговска војна против сите“ е погубна на среден и долг рок, пред се за Американците, проф. тврди дека нема да има трговска војна против сите туку тоа е само стратегија на репозиционирање на светските сили.
-Трамп како искусен претприемач тоа добро го знае и затоа самите најави за некаква трговска војна против сите се само најави за економска трговска војна против Кина и земјите од Истокот. Како што имаше изјава самиот Трамп, има две решенија за украинската криза – едно со добар договор и позитивно решение и друго решение кое врз притисок ќе биде со успешно затворање на военото жариште. Според мене, многу е битно ЕУ да биде во економска хармонија и функција на економијата на САД. Нема друг пат за нашите западни сојузници. ЕУ мора да ја пречека новата администрација на САД како посилна и поорганизирана, а затоа треба да завршат изборите во Германија кои мора да бидат пресудни во таа нова силна Европа под менторирање на Германија и новиот лидер на ЦДУ кој што би бил канцелар, според мене. Нова силна Европа може да опстои само во координација со САД – друга стратегија не гледам за спротивставување на источните економии, ни рече Наумоски во својата анализа.
Сепак, не се согласува дека САД ќе воведе царини за сите освен за Русија. Го повторува ставот дека сето тоа се стратегии за да се покаже во светската економија кој е главен играч. Наумоски потенцира дека не постои блискост со Путин од аспект на американската администрација туку само одредени позитивни најави за да се смири војната.
-Украинската војна е најголемата лудост во светот и мислам дека сите изгубивме како граѓани и никој не добива. Ја поддржувам политиката на новиот претседател кој најавува брзо завршување на военото жариште. Нема поважно нешто од човековиот живот. Ниту една земја не може да биде успешна ако од нејзините граници се иселиле преку 20 милиони Украинци и вие не контролирате речиси половина од територијата. Тоа се покажува дека претходните политики на германската канцеларка Меркел и ЕУ биле во право кога биле на одредено менаџирање со односите со руската диктаторска власт. Затоа мислам дека новите понуди кои што ќе ги добие Путин од американската администрација ќе биде една со смирувачки тон и ќе биде прифатена, а друга со огромни репресии кон тоа што Американците би се спротивставиле. Не очекувам нови воени жаришта или разгорување туку новата американската администрација ќе делува мошне различно од претходната. Македонската економија мора да го искористи и да биде и во функција на ЕУ и во засилени контакти и лобирања кај американската администрација како тоа што го прави успешно го прави првиот менаџер во државата овие денови, заклучува професорот.
Светска банка ја ревидира прогнозата за растот на македонската економија за 2025 и за 2026 година. Во најновиот извештај за глобалните економски перспективи, се проценува дека економијата во земјава годинава ќе забележи раст од 3 проценти, што е за 0,1 процент повеќе од претходната проекција. За 2026 година се прогнозира раст од 3,2 проценти, или зголемување за 0,2 насто во однос на претходната проценка.
Од земјите во регионот, Бугарија годинава ќе забележи раст од 2,8, Хрватска 3, Босна и Херцеговина 3,2, Албанија и Црна Гора по 3,5, Косово 3,9, а Србија 4,2 насто. Се предвидува дека целиот регион на Западен Балкан ќе има раст од 3,7 проценти во 2025 и 3,9 проценти во 2026 година.
Н.П.