Дека мицковистичко дпмне е најголемата политичка несреќа во севкупната историја на Македонскиот народ е одамна познато и докажано, емпириски верификувано од призма на буквално сите важни референтни инстанци за анализа. Дека најголемите политички порази во историјата овој народ и држава ги доживеа по директна политичка вина на мицковистичко дпмне се чини дека денес веќе и малите деца го дознаа тоа – името, двојазичноста, пописот по кои заради конфузијата со собирањето потписи на штандови за нов закон за попис, па наводно непризнавање на резултатите, па бојкотот, сега Македонскиот народ е само околу 52 проценти од вкупниот број на државјани (тогаш беа во коалиција со Зијадин Села, ако се сеќавате, можеби било коалициски договор), неповолните димензии на ЕУ-Францускиот предлог бидејќи поради гласачки рејтинг врескаа по улици НЕ за Бугари во Устав и го палеа истиот во Собрание наместо да поддржат партиски консензус со кои ќе се подобреа државните позиции при креирањето на предлогот, итн. Се што произлезе оттаму во последниве 7 години, од таканаречената бела палата која во народот пежоративно е позната и како „белата куќа на злото“, е целосно спротивно на највисоките национални и државни интереси на Македонскиот народ и сите граѓани кои живеат овде. Затоа и воопшто не беше напорно да се антиципира дека евентуална влада на дпмне мицковистичко ќе биде нешто најлошо што може да му се случи на народот, но за жал поради бројни причини сепак успеаја да ја грабнат власта, помогнати во тоа од некои структури на претходното раководство на СДСМ и многу други центри на моќ кои, секои од свои опортунистички причини и интереси, учествуваа во реализацијата на тој политичко монструозен план кои денес е реалност наречен влада на мицковистичко дпмне. Од тие центри на моќ по своите негативни консеквенци за народот посебно се издвојува олигархијата – денес веќе режимската олигархија – и големите компании со којзнае кои затскриени акционери и сопственички удели. Нема никаков сомнеж дека огромен број од нив придонесоа дпмне мицковистичко да биде власт и, се разбира, според профитерски начин на мислење инхерентен за нив, си барале начини да си го наплатат тоа, во финансиска смисла. Меѓутоа, дека на ваков начин режимот ќе ги исплати, тоа никој нормален човек не го помислувал, претпоставувам.
Дека и од економски, финансиски аспект владата на мицковистичко дпмне ќе биде катастрофа за обичниот народ и дека ќе делува во полза на олигархијата, класата на крупните капиталисти, големите компании итн. (за што веројатно и тие добиваат некакви бенефиции) немаше никаква дилема уште од самиот почеток на конституирање на дпмне мицковистичко, пред околу 7 години. Политичкиот франкештајн наречен мицковистичко дпмне нема никаква врска со претходното вмро–дпмне, а уште помалку со парадигмата на историскиото ВМРО и континуитетот на принципите на ВМРО – напротив, тоа е негова целосна спротивност, холистичка анихилација на мета-нарацијата и агонот на ВМРО. Ако вмро–дпмне до 2016/2017 имаше конзистентна идеологија и практична економска политика во полза на обичниот народ, оттогаш, откако за жал некои му го дадоа печатот и касата на оној, таа партија се претвори во спротивност на претходното и почна да дејствува стриктно за интересите на олигарсите (впрочем, изгледа дека олигарси се и некои од раководството на дпмне мицковистичко така што и од тој аспект тие работат за самите себеси, не за обичниот народ). Еден пример кои најдиректно ја покажуваше таа про-олигархиска позиција на дпмне мицковистичко а со самото тоа и антинародните економски и финансиски позиции беше случајот со замрзнатите цени, дури и на обичниот леб, замислете ја таа парадоксалност. Имам пишувано подробно за тоа во колумна наречена „Лебот и антинародното мицковистичко дпмне“ која можете да ја најдете во рубриката „Колумни“ на овој портал. Веројатно нормалните луѓе помнат дека мицково дпмне беше против замрзнатите цени дури и на лебот среде кризата предизвикана од ковид пандемијата, додека сиот свет и богатата Европа превземаа исти такви мерки со замрзнати цени но и некои други, последователно како резултат од пандемијата, наречени солидарен данок. Сосема легитимните и легални мерки во интерес на државата и народот и мерки кои речиси сите држави – влади ги реализираа, овде беа жестоко и секојдневно критикувани од мицковистичко дпмне, веројатно затоа што беа во полза на народот а не на (нивните) олигарси.
И затоа овој невиден скандал поради кои во демократски држави владата веднаш би била принудена на оставка од незадоволството на народот во суштина и не е изненадување – изненадување е дрскоста и отворената бескрупулозност во делувањето против народот и државата. Станува збор за Законот за солидарен данок кои се донесе во Септември 2023 година, согласно директива на ЕУ, сосема легално и легитимно, со што се оданочија околу 150 компании и во народниот, државен буџет се собрале околу 50 милиони евра, и тоа само од оние компании кои во 2022 година оствариле профит над 10 милиони евра. Очекувано, олигарсите веднаш законот го оспориле пред Уставниот суд. Во процедурата за одлучување било побарано мислење од владата, и каков апсурд (а не е тешко да се претпостави зошто), владата не доставила мислење (sic!!). Значи, наместо владата да го заштити државниот буџет со аргументи дека тој закон бил неопходен заради кризна состојба (пандемија, енергетска криза), тие воопшто и не доставиле одговор! За скандалот да биде уште поголем, претходно од владата јавно кажале дека ќе достават мислење до Уставниот суд – „Како влада, потврдуваме дека барење за мислење е доставено од страна на Уставниот суд до владата. Во овој момент се креира мислењето во надлежните институции, тоа е Министерството за финансии, веднаш што ќе биде запазен рокот и веднаш штом ќе биде донесено мислењето на владина на седница јавноста ќе биде информирана.“ (Марија Митева, цитирано според ТВ 21, 20.01 2025 год.). Кулминација на антинародното дејство се следниве две изјави, во кои директно самата влада зборува против себеси односно против одлуката на владата (!!) а во полза на режимските олигарси – „Ако донесат таква одлука што да правиме. Ќе ги вратиме тие пари. Ќе скратиме од нешто друго, ќе направиме ребаланс. Тие пари мораме да ги вратиме. Одлуките на Уставен суд се конечни и не може да се коментираат. Но исто така ќе ја разгледаме можноста за кривична одговорност на тие што донесоа одлука на овој начин да се води економијата бидејќи де факто луѓето се оштетени. Може утре и камати да ни бараат ако донесе таква одлука Уставен суд“ (изјавил Христијан Мицкоски, претседател на Влада, цитирано според Глас на Америка, 24.01.2025). Како што може да се забележи, практично тој ја прејудицира одлуката на Уставниот суд во корист на олигарсите, а згора на тоа дури воведува во оваа валкана политичка игра и – камати! (sic!!). Веројатно најскандалозната изјава е од фамозната Митева, портпарол на владата (цитирано според ТВ 21, 20.01.2025) – „Законските решенија кои што беа донесени од претходната влада, се уште имаат негативен ефект. Таков е и случајот со Законот за данок на солидарност, кој што иако беше оспоруван од бизнис секторот и од стопанските комори, сепак претходната влада немаше слух и затоа денес истиот се наоѓа пред Уставен суд“ (sic!!). Појасен доказ дека владата отворено и активно делува Уставниот суд да донесе одлука во корист на олигарсите не е ни можно!. Па, самата влада кажува дека тој закон имал „негативен ефект“ (?!!!) и дека, замислете, владата немала слух за бизнис секторот и стопанските комори (!!). Како владата да мора да работи и донесува одлуки по барање на олигарсите, а не по барање на обичниот народ; според оваа Митева таквите одлуки на претходната влада со кои законски се слеале 50 милони евра во буџетот, имала „негативен ефект“ (!!). Да, имала негативен ефект по огромниот профит за олигархијата – тајкуните, а позитивен за обичниот народ. Ако и на вас не ви се верува дека се можни вакви изјави на владата, слободно проверете, јас лично трипати ги прочитав и слушнав на наведените медиуми, до толку не можев да поверувам дека е можно ова. Рационално не е можно, но е стварно во тоталитарниот, диктаторски режим на мицковистичко дпмне и олигархијата.
После ваквите изјави на владата и фактот дека во режим по дефиниција нема независни институции кои работат според закони и Устав и во најдобар интерес на народот туку послушни извршители на намерите и целите на режимот, не е тешко да се претпостави каква ќе биде одлуката на Уставниот суд. Впрочем, ете самата влада тврди дека солидарниот данок имал „негативен ефект“и дека „де факто луѓето (читај олигарсите) се оштетени“. Мора да признаам дека дури и јас што го знам псиолошко-политичкиот профил на мицињата не можев да го претпоставам ова, да замислам до каде ќе оди оваа нивна антинародна политичка лудост со цел понатамошна поддршка на олигархијата за задржување на власта – да дадат 50 милиони евра (плус камати, најавува премиерот) народни пари на олигарсите, да не ги бранат интересите на владата, државата и народот туку на тајкуните, олигарсите! Вакво нешто немало ниту во африканските тирански режими и диктатури, вакво антинародно делување на владата која по дефиниција мора да ги заштитува интересите на народот. Ниту во сталинова СССР и титова Југославија го немало ова – тие барем во овој аспект се бореле за државата а не за олигарсите. Ова докажува на кое дереџе спаднавме под режимот на дпмне мицковистичко и оние нивни приврзоци чие име не заслужува ниту да се спомне. Ова е тотално политичко лудило, самата влада да ја критикува владата зошто за доброто на народот уставно и законски донела мерка за доброто на народот и државата!
Којзнае, можеби тие од режимот мислат дека народот нема да го сфати ова – најдиректното дејство против интересите на народот (што директно резултира со висока инфлација, прескапа електрична енергија итн.) – и дека со олигарсите ќе се одржат на власт, исто како што и дојдоа со нивна помош на власт. Може и не се далеку од вистината затоа што сепак неразбирливо многу луѓе гласаа за нив, за жал на сите други. Меѓутоа, како минува времето под овој диктаторски, антинароден режим, сите што не се дел од режимот или нивни слуги на своја кожа ќе ја почувствуваат, порано или подоцна, оваа антинародна тортура на режимот; сите директно ќе ги почувствуваат последиците, само е прашање на време „кога мечката ќе тропне и на вашата врата“. Впрочем, овој диктаторски режим веќе ја сведе Македонија и народот на питачки стап, со над 60 проценти (заради Унгарскиот кредит од кои голем дел им дадоа токму на олигарсите) надворешен долг, со системска нестабилност надвор од ЕУ.
Но, како и во секој друг диктаторски режим познат од историјата, тие се грижат финансиски и материјално за себеси и своите послушници. Додека го осиромашуваат народот и дополнително ги богатат олигарсите, истовремено тие сукцесивно создаваат нова класа на богати мициња, бидејќи очигледно планот им е сета јавна и државна администрација да ја наполнат со нивни некомпетентни кадри, партиски слепи послушници, и така да владеат со децении, што би рекол оној кога во еден комичен контекст наместо Јунг и колективното несвесно погрешно го спомна Фројд, повторно провоцирајќи ја Грција која за чудо уште не почнува дополнително да ја ослабува нашата државна позиција, што можеби е конечна цел и на таквите со ништо непредизвикани провокации. Имено, неодамна на некоја партиска трибина оној изјавил, парафразирам, дека (според него) со децении народот нема да им простел на СДСМ – што плаузибилно може да се интерпретира, Фројдовски нели, како најава и потајна желба, скриена фантазија, потиснат рефлектиран сон дека сакаат да владеат со – децении. Не со години туку со децении – замислете го тој хорор – и не се сомневајте дека тоа е нивната намера. Засега, со оглед на тоа дека нема силна опозиција овде – и покрај надежниот нов Претседател на СДСМ, кои за жал како полека да ги губи можностите за ново втемелување на партијата со именување на некакви експерти за зоолошки градини на врвни партиски функции, наместо на пример да воспостави соработка со Данела, која денес меѓу народот веќе важи за легенда со нејзината храброст во спротивставувањето на режимот на мицковистичко дпмне, евентуално и нов фер договор за соработка со ДУИ наместо радикалните големоалбански националисти од Влен, барање до меѓународната заедница за демократизација на окупираниот медиумски простор, итн., можно е да бидеме под диктатура со децении. Да, народот со секој ден се повеќе е незадоволен од тоталитарната власт и негативните трендови во сите аспекти на општеството и државата, но тоа незадоволство мора да се концентрира, трансцендира во народна програма за демократско уривање на диктатурата, а такво нешто е премногу комплицирано и напорно, бара многу време и знаење, а за жал нема ниту навестувања на таков процес. Господ нека ни е напомош, ако и тој не го напушти ова парче земја на 8 Мај 2024 година, најлошиот ден во историјата на Македонскиот народ.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.