Одреден 30-дневен притвор за возачот кој ја усмрти Фросина

од Nikola Popovski
60 прегледи

Пијан, без возачка дозвола, поминал на црвено – Кривичниот суд му определи 30 дневен притвор на 20 годишниот Васил Јованов кој ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. Од Обвинителството велат дека лани на Јованов му се судело за поседување дрога, а за време на судењето бил во притвор. Но, Судот пресудил да се ресоцијализира во поправен дом – завршува и притворот, на што Обвинителството поднело жалба.

„Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата, Судот ја укина притворската мерка за обезбедување. Незадоволен од пресудата, имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложи жалба и предметот е во жалбена постапка“, стои во соопштението од Обвинителството.

Во досието на возачот стои и дека ова не е прва сообраќајна несреќа што ја предизвикал. Во ноември 2022-ра година, полесно повредил пешак, но се спогодиле со оштетената да нема кривично гонење, но да плати 300 евра казна.

Министерот за правда Филков, кој упати сочувство до семејството, најави коренити промени во системот.

„Она што можам да се заложам е дека мојата политичка позиција и мојата човечка мисија ќе ја насочам за менување на работите од корен. Целиот систем мора да се менува однадвор и одвнатре“, изјави Игор Филков, министер за правда.

Реакција и од политичките партии. Социјалдемократите бараат максимална казна за сторителот, а МВР и Владата итно да преземат мерки за подобрување на безбедноста на улиците. Од ВМРО-ДПМНЕ исто така бараат најостра санкција, којашто ќе испрати порака дека никој не смее да си игра со законот.

Инцидентот се случи кога возачот, 20-годишниот Васил Јованов, управувајќи со „Пежо 207“, се движел под влијание на алкохол, без возачка дозвола, и преминал на црвено светло,при што ја удрил Кулакова, која во тој момент законски преминуваше на пешачкиот премин на булеварот „Партизански одреди“ кај Силбо. Кулакова, студентка по моден дизајн, настрадала на местото. Тој, иако бил добро познат на органите на прогонот за претходни прекршоци, продолжил да вози без никакви последици.

Слични содржини