Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, оцени дека актуелната влада, формирана пред осум месеци, имала „најлош старт во историјата на Македонија“, а нејзините политики довеле до незадоволство кај граѓаните, вклучително и до неодамнешниот бојкот на маркетите.
„Со сите случувања во последниот период, не би рекол дека граѓаните не го препознаваат тоа. Прв пример е бојкотот на маркетите, кој е производ на лошите, грешни политики на ВМРО-ДПМНЕ во сите овие изминати месеци, со кои не успеаја да ги стабилизираат цените“, изјави Димитријевиќ во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Тој посочи дека СДСМ во целиот овој период нудела конкретни решенија за намалување на цените, но тие биле одбиени од владејачката партија.
„Го гледаме сега резултатот. СДСМ предлагаше мерки, но ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски арогантно ги одбиваа. Граѓаните веќе ја гледаат разликата“, нагласи Димитријевиќ.
Истовремено, тој оцени дека СДСМ е на добар пат, а партијата активно работи на својата организациска поставеност.
„Поставена е целата партиска структура по хоризонтала и вертикала. Евидентна е разликата од пред изборите и сега – се враќа ентузијазмот и енергијата на членовите“, рече генералниот секретар на СДСМ.
Димитријевиќ најави дека по комплетирањето на општинските организации и изборот на новата претседателка на Форумот на жени, наскоро ќе се активира и Форумот на пензионери, а младинскиот подмладок СДММ е веќе целосно структурирана.
„Партиските комисии се во тек на формирање и ќе имаат задача да работат на креирање на програмите за локалните избори. Има луѓе кои сакаат да учествуваат во креирањето на процесите внатре во СДСМ, што се гледа и преку зголемениот број партиски состаноци“, додаде Димитријевиќ.
Тој заклучи дека СДСМ е отворена за дебата и активно комуницира со членството.