Грција не престанува да се тресе: 550 земјотреси за три дена, жителите бегаат од островите

од Илинка Илиоска
42 прегледи

Во морското подрачје југозападно од Санторини утрово беа регистрирани четири земјотреси, од кои најсилниот достигна јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала, објавија грчките медиуми.

Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина соопшти дека потресите се случиле во периодот меѓу три и пет часот наутро, а иако биле оценети како „слаби“, тие дополнително ја зголемија вознемиреноста на жителите.

Во последните три дена, во регионот помеѓу Санторини, Аморгос и Иос се регистрирани дури 550 земјотреси, сите со јачина над три степени, а најсилниот досега изнесувал 4,9 степени.

Стравот од нови потреси предизвика паника кај населението, па многумина решија да го напуштат островот, што резултираше со метеж на пристаништето. Како одговор на зголемената побарувачка, се организираат дополнителни фериботски и воздушни линии.

Од претпазливост, училиштата на Санторини, Анафи, Иос и Аморгос остануваат затворени до петок, а денеска ќе се одржи итен состанок во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита со претставници на локалните власти и службите за итни случаи.

Сеизмолозите предупредуваат дека зголемената сеизмичка активност може да трае со денови, па дури и недели. Професорот Манолис Скордилис од Универзитетот Аристотел во Солун оцени дека ситуацијата на Санторини е сериозна и дека не се исклучува можноста за земјотреси посилни од шест степени.

Во текот на ноќта, над 9.000 лица, меѓу кои жители и туристи, го напуштија островот. На пристаништето утринава владееше хаос, додека десетици семејства чекаа да се качат на бродови за Пиреја. Специјални линии на фериботите „Кисамос“ и „Блу Стар Парос“ беа ставени во функција за евакуација на граѓаните.

Слични содржини