Трамп повторно го шокира светот: Америка ќе биде сопственик на Газа, ќе израмниме се и ќе се ослободиме од уништените згради!

од Nikola Popovski
94 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го шокираше светот – овој пат со најава дека САД „ќе ја преземат сопственоста на Газа“ и „ќе ја поседуваат“ енклавата. Изјавата на Трамп, дадена на прес-конференција во Белата куќа по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, предизвика жестоки реакции и на Блискиот Исток и во самата Америка.

„САД ќе ја преземат контролата врз Појасот Газа и ние таму ќе ја завршиме работата“, рече Трамп.

Тој додаде дека „ќе го израмни местото и ќе се ослободи од уништените згради“, пренесува „CNN“.

„Ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата, израмнување на локацијата и ослободување од уништените згради“, додал тој.

На прашањето дали е подготвен да испрати американски војници да го пополнат безбедносниот вакуум во Газа, Трамп не ја исклучи можност.

„Што се однесува до Газа, ние ќе го направиме она што е потребно. Доколку е потребно, ќе го направиме тоа. Ќе го преземеме тоа парче земја за да го развиеме“, соопштил американскиот претседател.

Иако неговиот план предизвика жестоки реакции, Трамп е убеден дека тоа е решение за една од најкомплексните и најкрвавите војни што светот ги водел во последните децении.

„Гледам долгорочна сопственичка позиција над Газа и гледам дека носи голема стабилност на тој дел од Блискиот исток, а можеби и на целиот Блиски Исток“, им рекол Трамп на новинарите во Источната соба на Белата куќа.

Американскиот претседател, исто така, тврди дека „ова не е одлука донесена лесно“, но дека на сите со кои разговарал „им се допаѓа идејата САД да го поседуваат тоа парче земја, да го развијат и да отворат илјадници работни места“.

„Газа е куп урнатини, Палестинците треба да се иселат“

Говорејќи пред неговите разговори со Нетанјаху, Трамп сугерираше дека жителите на Газа би можеле да бидат преместени на нова локација обезбедена од државите од Блискиот Исток, посочувајќи дека може да ги платат трошоците. Тој ги наведе Египет и Јордан меѓу земјите за преселување на Палестинците, но тие земји претходно ја отфрлија таквата идеја.

„Мислам дека Палестинците се таму бидејќи немаат алтернатива. Што имаат тие? Тоа е голем куп урнатини во моментов“, рече Трамп неколку моменти пред да го угости израелскиот премиер во Овалната соба.

Предлогот на Трамп жителите на Газа трајно да го напуштат Појасот претставува контроверзен и провокативен став што ќе им се допадне на најконзервативните политичари во Израел, но не и на земјите од Блискиот Исток.

Коментирајќи ги овие изјави, израелскиот премиер рече дека идејата на Доналд Трамп „заслужува внимание“. Тој истакна дека Израел е фокусиран на тоа дека територијата на енклавата повеќе не претставува закана за неговата земја. Трамп „гледа поинаква иднина за Газа“, рече тој.

„Мислам дека тоа е нешто што може да ја промени историјата“, додаде Нетанјаху, заблагодарувајќи им се на САД за поддршката и го нарече Трамп „најдобриот пријател на Израел во Белата куќа“.

Од друга страна, Саудиска Арабија најави дека нема да воспостави односи со Израел без формирање на палестинска држава. Официјалниот претставник на Хамас, Сами Абу Зухри, изјавите на Трамп за преземањето на Појасот Газа ги опиша како „смешни“ и „апсурдни“.

„Секоја идеја од ваков вид може да го запали регионот“, оценува тој.

Слични содржини