Уставниот суд го поништи Законот за данок за солидарност

од Nikola Popovski
92 прегледи

Уставниот суд денеска донесе конечна одлука за предметот во кој е оспорен Законот за данок за солидарност. Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, информира дека на денешната седница, со мнозинство гласови, Уставен донел одлука да го поништи законот. При оценката дали укинува или поништува закон, Уставниот суд секогаш тргнува од одредени критериуми, а еден од тие е тежината на уставната повреда што е сторена со одреден закон, додаде тој.

-Такви се правните последици – кога поништуваме закон, се поништуваат правните последици што тој ги создал, како и да не постоел, рече Костадиновски на прес-конференција.

-Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Субјектите во правото мора да знаат што ги чека. Не може во сред игра да им ги менуваше правилата на игра – тоа е правната предвидливост. Во тоа се состои суштината во владеењето на правото. На крајот на денот, ако зборуваме низ друга призма, во услови на немилосрдна борба за привлекување на странски инвестиции, каква порака се праќа до економските субјекти? Дека државата може кога сака да воведе данок…Таа тежина на повредата и ретроактивното дејство беше клучно за поништување на одлуката, појасни првиот човек на Уставниот суд.

Секој што смета дека со тој закон му биле повредени правата, има право да бара да се поништат решенијата од надлежниот орган со кој му се повредиле правата, во рок од пет години од објавувањето на одлукатта во Службен весник.

Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023-та година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022-та година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра).

Слични содржини