„Еурактив“: Софија го повика Скопје да остане посветено на уставните измени

од Nikola Popovski
134 прегледи

Новата бугарска влада објави дека одбива да преговара со Македонија за условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, пишува денеска бриселскиот портал „Еурактив“.

„Пред три години, Бугарија и С.Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот на европска интеграција на Западен Балкан.

„Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со С.Македонија“, стои во текстот објавен денеска.

Авторот на написот понатаму нагласува дека минатата година во земјава дојде до промена на власта и дека новата влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски ветила дека „нема да ѝ прави отстапки на Софија“.

Текстот на Еуроактив доаѓа во време кога Мицкоски најавува отвореност за средба со новата бугарска влада како би се надминал отворениот спор кој настана откако претходната Влада вети дека ќе го смени Уставот и во него ќе го вметне бугарското малцинство, но за тоа не успеа да обезбеди мнозинство во македонското Собрание.

„Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не е билатерално прашање, туку услов на Брисел кон Скопје“, нагласува порталот.

Во текстот, исто така, се цитира изјавата на новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев дека Бугарија останува „исклучително доследна“ со својата политика кон Западен Балкан и европската интеграција на сите земји во регионот.

„Постои европски консензус познат во Бугарија како „француски предлог“ што строго ќе се следи. Она што е постигнато како договор не е билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, туку е меѓу Брисел и нашите соседи од РС Македонија“, изјави неодамна Георгиев.

Претседателот на Владата, Мицкоски најави дека ќе побара средба со бугарскиот премиер Росен Жељазков. Македонската влада долго време очекуваше во Бугарија да се формира политичка стабилна влада со која ќе се разговара за европската интеграција на земјата.

Услов за автоматско одржување на Втората меѓувладина конференција со Македонија и втората фаза од почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што за владата на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и повлекување од националните интереси, сторено од претходната влада на СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ, за да има предвидливост во евроинтеграциите на земјата, измените на Уставот треба да стапат на сила дури откако ќе завршат преговорите и земјите-членки ќе го ратификуваат договорот за пристапување на Македонија во ЕУ.

Слични содржини