Ферари ќе се бори за две светски шампионски титули во 2025 година, објави извршниот директор на компанијата Бенедето Виња. Станува збор за Формула 1, каде Скудерија ја привлече најголемата ѕвезда во спортот, Луис Хамилтон, и Светскиот шампионат во издржливост (WEC), каде Ферари ги освои последните две изданија на „24 часа Ле Ман“.
„Нашата цел е да се бориме во првите редови на двете првенства – Ф1 и WEC, да имаме посилен тим и да имаме јасна цел – победа“, објасни Виња на презентацијата на економските резултати на компанијата за 2024 година.
„Што се однесува до доаѓањето на Хамилтон во Ферари, тоа е добра вест за имиџот на компанијата, тоа е повеќе од здив на свеж воздух, тој и Шарл Леклер се одличен тандем“, додаде Виња.
Ферари ќе покаже фотографии од својот нов болид вечерта на 18 февруари, веднаш по генералното претставување на Формула 1 тимовите во Лондон, каде што ќе бидат претставени возачите и шемите на бои на тимовите.
Презентацијата на новиот SF-25 е закажана за 19 февруари и традиционално ќе биде на патеката Фиорано во Маранело.