Казна доживотен затвор за убиецот на Емилија Пешева

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Штипјанецот Фадил Зејнелов денеска беше осуден на казна доживотен затвор. Виновен е затоа што на 1 ноември 2024 ја усмрти својата вонбрачна партнерка Емилија Пешева (29). На претходното рочиште пред два дена сега осудениот Зејнелов призна вина за убиството. Пресудата беше соопштена во Основниот суд во Штип.

Жртвата претходно пријавувала насилство, но постапката против Зејнелов кој го изврши убиството има запрено на 2 септември 2024 година.

Џемиле, мајката на Емилија Пешева пред два дена изјави дека Фадил уште претходно се заканувал дека ќе ја убие девојката.

-Кога ќе стане ќерка ми од гроб, тогаш и тој нека излезе од затвор. Многу ја тепаше и ја плашеше. Не ја сакаше, само ја користеше. Тој е коцкар и наркоман. Го молам судијата да го осуди доживотно, кажа мајката на Емилија пред медиумите, пред зградата на Судот во Штип.

Слична изјава даде и таткото на Емилија.

-Тешко е, тежок е животот. Не можеме да се смириме. Ако му дадат доживотна казна, таму да го утепаат во затвор, да не живее, рече Слободан пред Штипскиот суд.

Казните за сторено кривично дело фемицид се движат од 10 години до доживотен затвор.

Емилија зад себе остави син кој сега остана да живее со нејзините родители.

Слични содржини