Анчелоти откри дали Мбапе може да биде како Роналдо

од Vladimir Zorba
41 прегледи

Завршена е нокаут фазата од Лигата на шампионите, а синоќа се пласираа Борусија Дортмунд, Пари Сен Жермен, ПСВ и Реал Мадрид. Најголемо внимание привлече извонредниот настап на Килијан Мбапе.

Пред натпреварот, Пеп Гвардиола изјави дека неговиот Манчестер Сити има еден процент шанса против Реал Мадрид и – тој беше во право. На полувреме веќе беше 2:0, а Мбапе комплетираше „хет-трик“ во 61. минута, за на крајот Сити да постигне утешен гол преку Нико.

„Ова беше многу важен натпревар и да постигнам три гола на таков натпревар значи дека ова беше голема вечер за мене, но искрено, повеќе би сакал да зборувам за тимот. Сакаме да играме вакви натпревари и се надевам дека ќе продолжиме во ист стил“, изјави Мбапе и додаде: „Се разбира, секако (дека моите соиграчи ми помагаат да бидам најдобар стрелец), но јас сум тука да освојувам титули. Веќе бев најдобар стрелец, лани бев најдобар стрелец во Лигата на шампионите, но дали ја освоив? Не, јас не. Ако сум најдобар стрелец – одлично, но сакам да освојувам трофеи, тоа е најважно“.

Мбапе немаше идеален старт во Мадрид, а сега се зборува дека би можел да достигне 50 гола во една сезона. Моментално се наоѓа на бројката 27.

Големиот Зинедин Зидан беше воодушевен од неговата игра, како и тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти.

„Тој (Мбапе) има квалитет да го достигне нивото на Кристијано (Роналдо), но мора да работи напорно бидејќи Кристијано ја постави границата многу високо. Мбапе штотуку започна во нашиот клуб, мислам дека неговиот квалитет и ентузијазам можат да му помогнат да го достигне нивото на Кристијано, но нема да му биде така лесно. Ќе мора да работи за тоа“, истакнува Анчелоти.

Ждрепката за осминафиналето во Лигата на шампионите е закажана за петок напладне, а Реал ќе игра или со Атлетико Мадрид или со Баер Леверкузен.

Слични содржини