Осумкратниот освојувач на „Златната топка“ Лионел Меси постигна гол во 56. минута и му донесе победа на Интер Мајами од 1:0 над Спортинг Канзас Сити во студената среда вечер, во првиот натпревар од првото коло на Лигата на шампионите на КОНКАКАФ.
„Постои еден играч кој може да го сврти натпреварот, и тој го направи тоа“, рече тренерот на Спортинг, Петер Вермес.
Тренерот на Мајами, Хавиер Маскерано, едноставно го опиша потегот на Меси како „фантастичен“.
Двата тима се мачеа да најдат ритам на тврдиот и лизгав терен во поголемиот дел од вечерта пред 15.178 навивачи. Температурата во моментот на играта беше минус 16 Целзиусови степени, додека со брзина на ветерот од 9 милји на час, температурата се чувствувала како минус 24 Целзиусови степени.
„Многу сум горд бидејќи мислам дека е невозможно да се игра во овие услови“, изјави Маскерано. „Тоа не е хумано, знаете. Затоа сум многу горд, бидејќи дадоа 100%.“
За својот гол, Меси доби додавање од Серхио Бускетс, ја контролираше топката, го избегна најблискиот дефанзивец и потоа прецизно ја погоди мрежата покрај голманот на Спортинг, Џон Пулскамп.
Маскерано додаде: „Можеби за луѓето кои го познаваат ова е нормално затоа што тој постигнал такви голови веќе 1.000 пати. Но, ние сме многу среќни што го имаме тука“.
Вермес ги пофали напорите на неговиот тим да го запре нападот на Мајами.
„Покрај тој гол, мислам дека одигравме навистина добро“, рече тој. „Имавме неколку добри шанси. Не можам доволно да го пофалам нашиот прв настап, особено со толку млад тим на теренот, беше навистина добро“
Вермес призна и дека Меси прави работи што ретко кој фудбалер може.
„Тоа не е само против нас, тоа е против сите“, рече тој. „Мислам, целиот свет. Никој никогаш не игра добро против него. Тој може сам да ја промени играта. И има навистина малку играчи за кои можете да го кажете истото. Ги немало многу низ генерациите. Двајца од нив се од Аргентина, тој и Диего Марадона“, додаде тренерот.
Интер Мајами можеше и порано да поведе, но Луис Суарез промаши удар од шеснаесетникот. Уште една шанса дојде во 33. минута, кога Тадео Аљенде промаши по лоб додавање на Меси.
Спортинг КЦ имаше шанса да поведе по корнер во 36. минута, но ударот со глава на Дени Розер помина покрај голот.
Реваншот се игра во вторник во Мајами.