Екс-премиерот Никола Груевски повторно упати обвинувања кон Зоран Заев. Тој овој пат објави дека поранешниот премиер со проневерени пари гради во Швајцарија и Туркменистан. Го нарече Заев и „шеикот од Дубаи“.
Исто така, тврди дека никогаш нема запленето негов имот.
„Во време на меѓународна градежна експанзија на Зоран Заев со проневерени, па потоа легализирани пари од рекет и други злоупотреби, која уште додека беше премиер се одвиваше во три града во Швајцарија, потоа изгради огромен комплекс апартмани во Туркменистан, а сега актуелната градежна инвестиција во Дубаи од над 600 милиони евра, за која тој единствено кажа дека бројката на спратови не била 82 (не кажа дали се 83 или 78, колку квадрати се, колкава инвестиција е, итн), и ништо друго не демантираше, а во недостаток на нешто со што би можел да ме нападне, деградира и да ја дефокусира јавноста, Заев со неговите инсталации во Македонија, охрабрен од неказнивоста, се обидува повторно да направи медиумска реминисценција на судскиот случај кој лично го креираше и го раководеше со цел создавање на негативна слика за мене со лажни информации и уценети сведоци…
Во меѓувреме милионската трговија со челик од Русија преку фирма во Дубаи тече, а неговото неодамна членови на неговата фамилија беа добиле покана со купени авио билети за присуство на камен темелникот на градежната инвестиција во Дубаи вредна над 600 милиони евра“, стои меѓу другото во долгата објава на екс-премиерот кој откако доби азил по бегството од земјава, живее во Будимпешта.
Пред десетина дена, Груевски го обвини Заев дека започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи, инвестиција вредна повеќе од 600 милиони евра. Како што објави тој на својот Фејсбук профил, Заев парите ги пренел со приватен авион.
Груевски: Заев гради кула од 82 ката во Дубаи, парите ги пренел со приватен авион
Следуваше демант од екс-претседателот на СДСМ. Посочи дека неговото семејство има бизниси во Македонија во кои вработуваат илјадници граѓани.
-Колку треба човек да е забеган во умот да кажува и тврди вакви глупости. Суетните само чекаат да се фатат на вакви будалаштини за да си ја залечат суетата. Заеви вработуваат преку 1.000 луѓе во Македонија. Така било пред да бидам во политиката, така било додека сум бил во политиката, така е и сега после повеќе од три години како трајно сум заминат од политика. Не градам никаква кула во Дубаи, тоа е целосна невистина, изјави тогаш Заев за обвинувањата.