Утре министрите и премиерот ќе одлучуваат за разрешување на Коцевски

од Nikola Popovski
107 прегледи

Предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, утре ќе се најде на владина седница. Вчера премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за оваа тема, но, и за интерпелациите на членовите на Судскиот совет, напомена дека два процеса се паралелни, а процедурата е тргната и нема сопирање.

-Министерството за правда е задолжено да достави како ќе оди процедурата. Задутре на владина седница тоа ќе го поминеме. Процедурата е тргната, нема сопирање. Да одиме чекор по чекор. Штотуку слетав, пред 15 минути. Да ме избрифираат соработниците што се случуваше. Следно е Судски совет, тие два процеса се паралелни, едно со друго не се во колизија, нагласи премиерот по враќањето од САД.

Од Министерството за правда во документот кој го изготвуваат ќе бидат наведени аргументите за разрешување, а откако Владата ќе го усвои, ќе биде испратен на разгледување во Советот на јавни обвинители. како причини за смена на државниот обвинител, наведени се нарушениот углед и функционалноста на обвинителството, незаконски постапувања и корупција, влијание и неефикасност.

Се тврди дека Коцевски намерно и неоправдано направил крупна професионална грешка. Социјалдемократите повикаа, политиката да стои настрана, а процесот да се одвива согласно со законите. Неодамна, обвинителот Коцевски изјави дека доколку се потврди оти сторил дисциплинска повреда, сам ќе ја напушти функцијата.

Коцевски вели дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители.

Изјавите следат по седницата на Советот на јавни обвинители, кој најави дека на следната седница ќе одлучува по барањето на јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на нејзиниот претходник Мустафа Хајрулахи. Смената следеше откако Коцевски во декември минатата година, достави предлог за поведување дисциплинска постапка против Хајрулахи и уште еден јавен обвинител поради неправилности во работењето.

Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители. Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година.

Слични содржини