Ѓорчев: Војната во Украина ја спречи ЕУ да го спроведе планот за стабилност на Западен Балкан

Поради војната во Украина, Македонија нема да добие 820 милиони евра од Европската Унија, вели политичкиот аналитичар Марјан Ѓорчев за „Локално“

од Vladimir Zorba
277 прегледи

Украина влегува во четвртата година од војна со Русија, најголем воен конфликт по втората светска војна. Она што за Русите беше специјална воена операција се претвори во најголемата војна во Европа по Втората светска војна, во која се убиени 12,456 цивили меѓу кои 669 деца, и 28,382 повредени меѓу кои 1,883 деца. Цели градови се срамнети со земја, милиони Украинци станаа бегалци, а борбите се префрлија и на територијата на Русија.

-Инвазијата на Русија врз Украина е непочитување на меѓународното право, и ваквиот чин на нарушување на територијалниот интегритет претставува закана за границите на било која држава во Европа, иако е легитимно секој да се грижи за своите интереси, но без воена агресија, бидејќи инвазијата на Русија предизвика огромни последици врз европската економија која ги чувствува последиците од санкциите на Русија во енергетскиот сектор, недостигот на јаглен, нафта, гас и други енергенси кои доаѓаа од Русија ја доведе европската економија до колапс, изјави за „Локално“ политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор Марјан Ѓорчев во пресрет на тригодишнината од воената инвазија на Русија врз Украина.

На прашањето како војната во Украина ќе се одрази врз Македонија, Ѓорѓев смета дека војната во Украина го дефокусира решавањето на проблемите на западен балкан. Според него тоа најдобро може да се види со акциски план за стабилност во кој е предвиден пакет на мерки за западен балкан кој Европската Унија повторно го одложи

Марјан Ѓорчев

-Тоа фокусирање на истокот го става западен балкан во подредена состојба и ние како дел од западниот балкан не сме во фокусот на Европските челници. Одлуките на Европската Унија да се фокусира на Истокот вклучително и Украина, најдобро може да се види со акцискиот план за стабилност и безбедност за западен балкан во кој беа предвидени 6 милијарди евра а Европската Унија нема да го реализира. Македонија тука губи 820 милиони евра што е недвосмислен показател за фокусот на ЕУ во решавање на проблемот со Украина, смета тој.

Третата годишнина од почетокот на војната дојде во чувствителен момент за Киев, додека Зеленски се обидува да се справи со брзото менување на меѓународното окружување, нарушено од промените на американскиот пристап кон војната, аналитичарот смета дека треба да очекуваме нов пристап од страна на Американската дипломатија која ќе настојува да се стави крај на војната по мировен пат.

-Политиката на Трамп, Венс, Рубио и Волц е сосема поинаква од онаа на Бајден, Саливен, Блинкен, и сега мора да очекуваме мултиполаризам кој САД ќе го покаже кон Русија како светска сила и ќе настојува кон решавање на конфликтот помеѓу Русија и Украина без понатамошна воена агресија, и за разлика од Европската Унија, властите во САД се свесни дека нема да издвојуваат стратешка победа со Русија, туку напротив може само да предизвикаат дури и нуклеарна војна со последици кои ќе бидат катастрофални. Затоа ќе мора да се најде мировен договор кој ќе биде прифатлив за сите, порача политичкиот аналитичар.

За најавите за помош на Европската Унија во вредност од 3,5 милијарди долари, дипломатот смета дека е западните лидери ќе мора час поскоро да најдат заедничко решение со САД бидејќи може да има дополнителни реперкусии и економски последици бидејќи САД дел од своето производство кое сега го има во повеќе Европски земји може да го пренасочи кон Русија.

-Мора да најдат заедничко решение бидејќи новата реалност е таква, така што, ЕУ за да нема нови економски шокови, мора да се насочи кон новата глобална реалност, секако, доколку не сакаат Кока Кола да ги пренасочи своите фрабрики во Русија и редица други компании кои се гиганти во САД, додаде тој.

Инаку, Фон дер Лајен заедно со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и 21 еврокомесар денеска престојуваат во Киев со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода на третата годишнина од почетокот на руската инвазија.

Д.Ѓ.

Слични содржини