Димитров за исходот од германските избори: Ако Мерц го врати чувството дека Берлин знае каде оди и што прави, повлекувајќи ја и Европа со себе, демохристијаните не треба да се плашат од подем на АФД

Димитров: Единството на континентот е разнишано, има лидери кои ентузијастички ги пречекуваат најавите на Трамп за Украина, па оттука задачата на влијателните европски земји е многу тешка

од Nikola Popovski
816 прегледи

Германија недвосмислено гласаше за промена. Иако се надеваа на повеќе, демохристијаните на Фридрих Мерц добија близу 29% од гласовите и најверојатно ќе ја предводат идната германска влада, но за тоа ќе им треба барем еден коалиционен партнер. Со оглед на бројките и отпорот на баварската ЦСУ кон зелените, тоа најверојатно ќе биде СПД, иако канцеларот Олаф Шолц и неговите социјал-демократи претрпеа најголем изборен пораз од 1890 година, а Шолц е единствениот канцелар кој не успеа да победи за втор мандат во изминатите педесет години, вели во разговор за „Локално“, претседателот на невладината „Солуција“ и екс-министер за надворешни работи, Никола Димитров, говорејќи за изборите во Германија и што ќе донесе враќањето на демохристијанската коалиција и Мерц на чело на земјата.

Како што истакнува Димитров, веројатниот иден канцелар Мерц, веќе посочи дека светот нема да ја чека Германија, најавувајќи дека ќе брза во составувањето на идната влада. Според него, проблемите пред Германија и пред него се големи: економска криза и буџетски дефицит, застарена инфраструктура, чувство на несигурност меѓу многу Германци од нерегуларната миграција и честите напади на германските улици.

-Ќе треба да се носат тешки одлуки, со можни кратења на социјалните бенефиции, но и зголемување на трошењето во одбраната. Да не зборуваме за тектонските геополитички промени во светот и предизвиците во трансатлантските односи, што наметнуваат голема потреба од визија, решителност и европско лидерство што не е можно без Германија, посочува дипломатот и екс-министер.

На прашањето дали Европа треба да се плаши од подемот на екстремно десничарската АФД и Алис Вајдел, Димитров анализира дека секој петти гласач во Германија гласал за АФД и мотото Алис за Германија, како игра на зборови и алузија на “алес” – сѐ за Германија. Таа понуди коалиција, објаснува соговорникот, заканувајќи се дека без нив демохристијаните нема да се справат со илегалната миграција и дека во тој случај ќе победат на следните избори.

Избори во Германија

-Мерц категорично одби таква можност, посочувајќи на огромните разлики по речиси сите важни прашања. Дали АФД ќе продолжат да растат, во голема мера ќе зависи од резултатите на идната влада. Ако Мерц успее да ги испорача ветените промени, ако економијата зајакне и се врати чувството дека Берлин знае каде оди и што прави, повлекувајќи ја и Европа со себе, демохристијаните не треба да се плашат од исходот на следните избори, посочува претседателот на невладината организација „Солуција“.

Изборите поминаа во сенка на случувањата во Украина, мировните преговори и „вртењето на страницата“ на САД во односите со земјата разурната од војна. Околу дискусијата дали Германија, како најсилна европска земја може некако да влијае на текот на конфликтот на фронтот во Украина, Димитров наведува дека Мерц веќе потенцираше дека неговиот апсолутен приоритет ќе биде да ја зајакне Европа што е можно побрзо, за да може да биде независна од САД.

-Во изјава што беше незамислива по Втората светска војна, значи во последниве 80 години, тој кажа дека администрацијата во Вашингтон очигледно не се секира особено за судбината на Европа и посочи дека не е сосема извесно дали и по идниот Самит во јуни ќе се зборува за НАТО во сегашната форма. Ако неговата политика и делување бидат на линија со оваа изјава, што од Макрон беше дочекано со две раце, тогаш можеби и има надеж Европа да го земе дизгинот и одговорноста за својата безбедност и иднина. Меѓутоа, единството на континентот е разнишано, има лидери кои ентузијастички ги пречекуваат најавите на Трамп; други пак се прагматични и внимателни. Во таа смисла, задачата на Германија, на Франција и на другите влијателни европски земји е многу тешка. Шансите за такво нешто не се големи, но живееме во историски и неверојатно непредвидливи времиња, па не смееме да исклучиме чудо, ни рече соговорникот.

За тоа какви сега би биле билатералните односи меѓу Македонија и Германија и дали се очекува некаква промена, екс-шефот на македонската дипломатија констатира:

-Кога велам чудо, мислам и на Македонија и на европската политика воопшто, вклучувајќи го тука и проширувањето. За да биде фактор, и на својот континент и во Украина, но и глобално, Европа мора вистински да се обедини, да ја консолидира својата територија и својата економија, да ги зголеми драстично вложувањата во својата одбрана, смета Димитров.

Според него, стариот континент мора да испорача визија и за неа да се бори во еден глас.

-Во една таква Европа, нема да има место за тесни национални интереси, историски ревизионизми и вета за прашања што не смее да бидат прашања во 21от век. Оваа визија за Европа мора да вклучува сосема поинаков пристап кон проширувањето, кон сопственото носење одлуки, со јасен план за брзо членство (уште утре!) за сите земји кандидати. Народот за вакви историски искушенија вели – ѓаволот ја однесе шегата. Ако сака да ја биде, Европа мора веднаш убавите говори да ги замени со храбри одлуки, заклучува Димитров.

Фридрих Мерц

Германија наскоро да добие функционална влада, посака Мерц, откако прелиминарните резултати покажаа дека конзервативната христијанско – демократска унија ЦДУ победи на предвремените избори. Мерц свесен за одговорноста што претстои, одби да соработува со екстремно десничарската Алтернатива за Германија која го осови второто место.

„Светот не нè чека нас, и не чека долготрајни коалициски разговори и преговори. Мора повторно да станеме способни да дејствуваме брзо за да можеме да ја направиме вистинската работа дома, за повторно да бидеме присутни во Европа, за светот да види дека Германија е одговорно управувана“, изјави кандидатот за канцелар на Германија од ЦДУ.

Лидерот на Социјалдемократите, Олаф Шолц експресно го призна поразот. Ја презеде одговорноста за лошиот резултат и порача дека ќе ја извршува функцијата до последниот ден.

„Ова е горчлив изборен резултат за Социјалдемократската партија. Тоа е исто така изборен пораз. Овој пат резултат е лош и за тоа во овој момент сакам да кажам дека јас сносам одговорност“, истакна Шолц.

Н.П.

Слични содржини