Две резолуции во ОН, многу полемики околу ставот на Македонија. Земјава ја коспонзорираше американската нацрт-резолуција за Украина поднесена до Генералното собрание на ОН, но и гласаше воздржано за втората европско-украинска. Разликата беше во тоа што американската резолуција исто така бараше крај на војната, но, без да се спомене агресијата на Русија. Во неа се користеше многу поблаг речник и нема директна осуда на Русија. Ваквото гласање е изненадувачко ако се земе во предвид дека Македонија претходно речиси постојано се поистоветуваше со одлуките на земјите-членки од ЕУ и земјите-кандидати.
Дел од јавноста смета дека коспонзорството на Македонија на Резолуцијата на САД е несомнено дипломатско харакири на ВМРО ДПМНЕ. Според новинарот и политички аналитичар, Љубиша Николовски, де факто со дозвола во текстот на Резолуцијата да не стои дека Русија извршила агресија врз Укарина, „ги поткопуваат позициите на Македонија и оставаат простор истата судбина на Украина да ја доживее и Македонија од страна на пример на Бугарија која исто така како и Русија смета дека оваа територија е бугарска, дека тука живеат Бугари и дека има право да ја анектира“.

Љубиша Николовски
-При гласањето во ОН се виде дека предвидувањата на Мицкоски за „масовна подршка на Резолуцијата“ пропаднаа и дека таму главен збор имаа земјите членки на ЕУ и други држави од демократскиот свет. Позиционирањето на Македонија во однос на Украина секако е забележано од страна на ЕУ како и отворената подршка на говорот на Венс во Минхен. Она што за Мицкоски било „нормално“, за останатите беше „скандалозно“ и бесрамно мешање во внатрешните работи на земјите од Унијата, вели соговорникот за „Локално“.
Со последните изјави на Мицкоски и неговото позиционирање зад „новото ненормално“, истакнува Николовски, не полека туку директно се оддалечи од ЕУ.
-Тој мислам дека и не го крие тоа туку е горд што меѓу првите застанал зад „новото ненормално“. Секако дека блискоста со САД е многу важна и е од национален интерес да се биде стратешки партнер со најмоќната држава во светот, но вие мора да знаете каде припаѓате историски, географски, политички и економски. Македонија економски опстојува најмногу од ЕУ и од Германија. И тоа македонките граѓани го знаат и затоа на последната абкета на Институтот за демократија најголемиот број од нив се изјаснил првентвено за ЕУ, додека влијанието на САД е намалено, наведува аналитичарот.
За европско-украинската резолуција гласаа сите европски земји, меѓу кои и и Србија, освен Македонија која гласаше „воздржано“ и Унгарија и Белорусија кои гласаа против. Против оваа резолуција гласаа и САД и Руската Федерација кои беа придружени од земји како Израел, Судан, Буркина Фасо, Бурунди, Централноафриканската Република, Демократска Република Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Нигер, Мали…Македонија, пак заедно со Грузија и Израел беше коспонзор на другата резолуција која не доби поддршка од Генералното собрание на ОН во оригиналната форма.
Околу ставот дали ваквата политика ќе биде запаметена од европските партнери, новинарот и аналитичар Зоран Иванов вели дека „во историјата на ВМРО-ДПМНЕ штом го привират носот надвор од македонските граници доживуваат дебакл“.
-Па се сеќавате, ситe кризи Македонија внатре ги решавала со меѓународната и во тие решенија партијата или немала став или давала отпори без да знае зошто, без да нуди решенија, алтернативи. Така беше со ООН и ФИРОМ, со Рамковниот, Преспанскиот, Пржинските во меѓувреме. Само галама и толку. Ниту политика, ниту дипломатија, ниту алтернативи ниту бутур, истакнува Иванов, додавајќи дека „се испреплеткаа со резолуциите, но, важно го фативме просторот“.

Зоран Иванов
-Тоа што тој простор засега е контминирн со кснефобии, шовинизми, што е геноциден, за тоа потоа. А што се однесува до ЕУ, не. Што да запаметат. Кој фактор е партијата или државата во однос на ЕУ, па ЕУ да зема за зло што во еден трампистичк вознес нашите наместо на рациото се подлегнуваат на хормоните. Впрочем, да не се занесуваме, надвор од Македонија ништо не зависи од Македонија, смета соговорникот во изјава за „Локално“.
Дали ваквата политика значи пополека оддалечување од ЕУ, Иванов е дециден дека „и во каква и да е конфузија ЕУ било кога, местото ни е таму“.
-И неважно дали ќе станеме рамноправна членка некогаш или само ќе се движиме на тој пат. Та не го разбираат во ДПМНЕ. Самата кооперација во процесот на интеграција за нас е можност за реформи со стручна и материјална поддршка на ЕУ институциите. Демек ќе сме можеле сами. Се покажа, ништо не можеме сами, ништо. Да можевме … Политиката на премиерот и на претседателката во однос на ЕУ е анти ЕУ политика. Приказните за идентитетот и за другите блефирања нека ги решаваат на ЕУ патот, во фазата на интеграциите, на преговорите, поглавјата, а не овде за гласови. Оддалечување? Не, не. Неговата политика не не` ни политика ни оддалечување туку неговите манири не исфрлаат од ЕУ просторот и не враќа на билатерала во историското софиско дувло каде што отсекогаш билатерално сме биле игнорирани, негирани, понижувани. Е таму, откако како кец на десетка ни дојде Рамката француска ли, бугарска ли, европска ли, сеедно, каде што на нашиот интегративен пат историско-идентитетските тривијалии на Софија би се соочиле со 26 други сведоци членки на Унијата, Мицкоски, Сиљановска и нивните пак не` туркаат назад во негаторските бугарски атари и не` држат како заложници вкотвени на овие балкански простори обременети со истории, идентитети, негирања, заклучува новинарот.
МНР вчера ја појасни нашата позиција за резолуциите во Обединетите нации – оттаму велат, одлуките се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за мир и стратешкиот интерес на Македонија. -Особено се земени предвид силните заложби на САД за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Русија преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион, објаснуваат од МНР. Од ресорот велат дека нашето спонзорирање и гласање за резолуциите не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции на Македонија, која ја поддржува Украина и нејзините напори за целосна заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, и ја осудува руската агресија.
„Одлучивме да бидеме коспонзори на Резолуцијата којашто ја поднесуваат САД. Очекувам истата да биде поддржана од мнозинството во рамките на ООН“, изјави вчера премиерот Мицкоски.
На тригодишнината од војната светските лидери во Киев ветија помош и поддршка. ЕУ го усвои 16-от пакет санкции за Русија.
„Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија сè додека не покажат вистинска волја за постигнување траен мировен договор“, рече Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Само конкретни и силни безбедносни гаранции ќе обезбедат сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и во Европа како целина. Европската Унија е подготвена да направи се што е потребно за да ја поддржи Украина“, нагласи Антонио Кошта, претседател на Советот на ЕУ.
По острата реторика од претседателот Трамп за потрошените средства во војната, Зеленски одново бара Украина, Европа заедно со САД да бидат на преговарачка маса пред Русија. Од Вашингтон уверуваат, преговорите со Москва се неопходни за да се оцени подготвеноста за дипломатско решение на конфликтот.
„Оваа година мора да стане година на почеток на вистински и сигурен мир. Мораме да постигнеме мир преку сила, мудрост и единство – преку нашата соработка со вас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
За три години, Украина загуби значителни делови од територијата, но со воената помош од западните сојузници успеа да врати некои области. Милиони Украинци ги напуштија домовите, илјадници беа убиени или ранети. Од Москва велат дека ќе престанат да се борат кога ќе го добијат тоа кое го посакуваат од преговорите.
„Ќе ги запреме воените акции кога со овие преговори ќе се постигне цврст, одржлив резултат во корист на Руската Федерација“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Москва бара Украина да ги отстапи петте региони кои се целосно или делумно окупирани, како и откажување на Киев од влезот во НАТО и избори во земјата.
Н.П.