Нема да чуди ако Додик се одлучи за бегство, три земји можни дестинации – велат лидерите на бошњачките партии во Македонија

Пресудата за Додик-потврда за функционирањето на Федерацијата како држава: „БиХ не успеаа да ја поделат ниту Милошевиќ, Караџиќ и Младиќ...“

од Nikola Popovski
304 прегледи

Судот на БиХ донесе првостепена пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за „непочитување на одлуките“ на Високиот претставник на ЕУ, Кристијан Шмит, прогласувајќи го за виновен и осудувајќи го на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност. Пресудата во овој момент не е правосилна, а таква ќе стане откако одбраната и обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на Судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година. Доколку правосилната пресуда е иста како првостепената, тоа би требало да значи дека Додик нема да може да врши никаква службена или политичка должност во наредните шест години. Кога станува збор за затворската казна, со оглед на тоа што е осуден на една година затвор, според сегашниот закон ќе може да ја откупи за приближно 36.000 КМ (околу 18.000 евра).

Одлуката се очекува да донесе големи пресврти во БиХ. Опозицијата во РС му сврте грб на Додик и на концептот „национално единство“, а еден од одговорите на лидерот на босанските Срби е можна Конфедерација со Србија. За денеска во Бања Лука се најавува и доаѓање на српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Дали Додик размислува за бегство?

Според Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија, не треба да има дилема дека пресудата ќе биде спроведена. Како што вели, сега е на потег одбраната на Додик.

-Нема да ме чуди ако Милорад Додик се одлучи за бегство. Самиот овој процес покажа дека тој не владее со БиХ и дека ќе мора да ги почитува пресудите. За ваша и за информација на вашите читатели, одма после пресудата Милорад Додик бил контактиран од Виктор Орбан и Александар Вучиќ. Кај Орбан веќе имаме еден бегалец. Бегството е една од опциите на веќе осудениот Додик, оценува Хоџиќ во разговор за „Локално“ и додава дека „прашањето е колку време би биле уште Орбан и Вучиќ на власт, па да му гарантираат безбедност“.

Според Хоџиќ, се обиде политичката екипа на чело со Додик да проба да се заканува и да уценува со нарушување на безбедносната ситуација, но, сепак засега не очекува да има безбедносни ризици по БиХ.

-Уставот на Босна и Херцеговина не предвидува можност за референдуми за независност на ниту еден ентитет, ниту еден кантон, ниту на дистриктот. Тоа е само внатрешно уредување на Босна и Херцеговина. Во случај на насилен обид, ќе следува реакција од Оружаните сили на државата БиХ. Босна и Херцеговина не успеаа да ја поделат ниту Слободан Милошевиќ, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, како и Фрањо Туѓман, во време кога ЈНА беше светска сила, под контрола на Милошевиќ. Денес тоа е невозможна мисија за Вучиќ и Додик, посочува соговорникот.

Запрашан за коментарите на опозицијата во РС и фактот што не застанаа во одбрана на Додик, Хоџиќ наведува дека опозицијата во ентитетот РС знае дека Додик е авторитарен лидер, кој наталожи многу богатство во разни коруптивни зделки.

-Тие знаат дека Додик нема мотив да ги брани правата на српскиот народ кој живее во БиХ, туку има за цел да опстои по секоја цена на власта. Опозицијата на Додик на своја кожа го има почуствувано недостатокот на демократскиот капацитет на лидерот на босанските Срби. Ист став за Додик има и дел од демократската опозиција во Србија. Можевте да прочитате, ако следите, многу негативни коментари за Додик и од демократската опозиција во Србија, објаснува Хоџиќ.

Сличен став дели и претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац.  Цени дека пресудата за Додик е потврда за функционирањето на БиХ како држава. Како што вели во разговор за „Локално“, Додик веќе подолг временски перод преземаше низа мерки кои беа во спротивност со уставот и законите на БиХ, така да граѓаните на БиХ реално очекуваа дека тој за своите постапки ќе одговара пред судските власти.

-Очекуваме одлуката да биде правосилна доколку Додик не поднесе жалба, но и во тој случај најверојатно судот ќе ја потврди пресудата, затоа што со оваа пресуда не е осуден на максимална казна затвор од 5 години и забрана за вршење на политичка функција од 10 години, што значи може со жалбата само да го одложи извршувањето на пресудата, анализира соговорникот.

Сепак, тврди дека во меѓувреме можно е негово бегство во Србија или Русија и ако тоа се случи, тогаш признава дека е виновен.

-Врзано за БиХ, ентитетот РС не очекуваме дека ќе бидат преземени некои политички мерки и активности кои би предизвикале безбедносна криза во БиХ од причина што секој носител на власта кој ќе учествува во донесувањето на одлуките ќе биде санкциониран како Додик и ќе сноси поединечна одговорност.

Опозицијата во БиХ во ентитетот РС не ги поддржува одлуките на владеачката гарнитура на Додик и најверојатно ќе се договорат да донесат одлука за предвремени парламентарни и претседателски избори во БиХ во ентитетот РС со што ќе падне од власт сегашната криминална и коруптивна политичка гарнитура предводена од Додик, заклучува Колашинац.

Во пресрет на изрекувањето на пресудата на претседателот на Република Српска, Шмит се сретна со командантот на штабот на НАТО во Сараево, бригадниот генерал Метју Валас.

„Средба со командантот нa НАТО во БиХ, бригадниот генерал Метју Валас. Суштински разговор за актуелната политичка и безбедносна ситуација во Босна и Херцеговина и регионот на Западен Балкан. Безбедна и сигурна средина е клучна за просперитет и развој“, напиша Шмит на социјалната мрежа „X“.

По пресудата што Судот на Босна и Херцеговина ја изрече против Додик, се очекува на седница пратениците на Народното собрание на Република Српска да донесат сет заклучоци. Како што пренесува „РТРС“, се донесуваат следните заклучоци:

1. Народното собрание на Република Српска ја усвојува Информацијата за рушење на Уставот на Босна и Херцеговина – мерки и задачи за зачувување на Уставот на Босна и Херцеговина.

2. Народното собрание на Република Српска забележува дека фактот што Судот на БиХ донел пресуда врз основа на одлука на неизбраниот странец, Кристијан Шмит, а не врз основа на закон усвоен од Парламентарното собрание на БиХ, со што извршил чин на државен удар и целосното уривање на одлуката на Националното собрание не ги прифаќа сите уставни и уставни одлуки на БиХ.

3. Народното собрание на Република Српска ги смета за ништовни сите одлуки на органи кои не се дефинирани со Уставот на БиХ, а со тоа и на Судот на БиХ.

4. Националното собрание на Република Српска забележува дека одлуката на Судот на БиХ да пресуди врз основа на одлука наметната од поединец ја легализираше двојната власт на ниво на БиХ и го уништи уставниот поредок. Затоа, претставниците на Република Српска сметаат дека е бесмислено да се учествува во работата на Парламентарното собрание на БиХ додека Уставниот суд на БиХ не донесе одлука со која ќе дефинира кој е законодавец во БиХ. Една земја и двајца законодавци се спротивни на сите меѓународни правни норми.

5. Народното собрание на Република Српска бара од Канцеларијата на јавниот обвинител на Република Српска да поднесе кривични пријави против сите обвинители на Обвинителството на БиХ и судиите на Судот на БиХ кои постапиле согласно наметнатата одлука, за организирање, планирање и подготвување кривични дела против уставниот поредок. Кривичната пријава ќе биде поднесена до Обвинителството на Федерацијата Босна и Херцеговина и до Обвинителството на Република Српска.

6. Националното собрание на Република Српска ја задолжува Владата на Република Српска да подготви и да достави до Народното собрание закони кои ќе ги регулираат активностите на сите тела кои не се дефинирани со Уставот на БиХ на територијата на Република Српска.

7. Народното собрание на Република Српска најостро ги осудува постапките на Обвинителството на БиХ кон членовите на Народното собрание на Република Српска поради дејствија што тие ги преземаат во рамките на нивните должности, а кои имаат крајна цел заплашување и политичка неутрализација. Народното собрание на Република Српска не дозволува претставници на Обвинителството на БиХ и други органи кои постапуваат по нивна наредба да влезат во просториите на Народното собрание на Република Српска.

8. Овие заклучоци влегуваат во сила со денот на нивното донесување.

Н.П.

Слични содржини