Трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство би можел да се случи „многу брзо“, а постои можност во случај да се постигне таков договор, Вашингтон да не воведе царини за Велика Британија, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Можеме да завршиме со вистински трговски договор каде што нема да бидат потребни царини. Ќе видиме“, рече Трамп на прес-конференцијата со британскиот премиер Кир Стармер.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Стармер се обидел да го убеди да не воведува царини за Британија, Трамп рече дека британскиот премиер „се обидел“.
По Канада, Мексико и Кина, Европа е следна во редот за американски царини. Претседателот Трамп ја обвини ЕУ дека ги искористува САД, но истакна дека со Велика Британија ситуацијата може да се поправи. Призна дека царините на краток рок ќе им предизвикаат малку болка на Американците, но на крајот ќе се исплатат.
„Имаме дефицит од над 300 милијарди долари. Тие не ни ги земаат автомобилите, не ги земаат нашите земјоделски производи, не земаат речиси ништо, а ние им земаме се, милиони автомобили, храна и земјоделски производи. Обединетото Кралство е надвор од линијата, мислам дека тоа може да се реши, но Европската Унија, сурово е тоа што тие го направија“, рече неодамна Трамп.
Од Брисел велат дека внимателно ги слушаат најавите од американска страна и порачуваат дека во трговските војни нема победници.