Се помалку домашни домати, пиперки, крставици…, и годинава ќе јадеме увозни од Албанија и Грција

од Vladimir Zorba
896 прегледи

И годинава ќе јадеме домати, пиперки и краставици од Албанија, Грција и Турција. Намалената работна рака влијаеше на драстично намалување на земјоделските површини, велат земјоделците. Според нив значаен фактор за се поголемиот увоз на земјоделски производи се и климатските фактори и отсуството на државна стратегија. Поради тоа, се јавуваат екстремни пикови во производството на одредени земјоделски производи, во еден момент имаме хиперпродукција, а по краток период имаме голем дефицит од истите производи.

-За 15-тина дена стартува бербата на пролетната зелка. Со оглед на тоа дека засадените површини се двојно зголемени од лани ќе имаме сериозен проблем со пласманот и со цената на истата. Домати, пиперки, краставици имаме доволно само еден период додека трае бербата, а потоа имаме недостаток кој го надополнуваме од увоз од соседните земји. Квалитетната роба која има повисока цена оди за Европа, а кај нас завршува онаа што е понеквалитетна и со пониска цена, вели за „Локално“ Ѓорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.

Ѓорѓи Каракашев

Ѓорѓи Каракашев

Тој додава дека поради недостаток на домашно земјоделско производство граѓаните плаќаат висока цена за послаб квалитет.

-Оранжериите стојат празни, бидејќи нема кој да ги работи. За доматите и краставиците треба многу работа, да се засадат, да се копаат, да се наводнуваат….и за берба требаат луѓе. Се бараат неограничени количини корнишони, кој имаат гарантиран откуп и загарантирани цени од едно евро за килограм, но нема кој да ги бере, објаснува Каракашев.

Каракашев вели дека, државата во изминатите години не успеала да изгради добра земјоделска стратегија. Поради тоа, обработливите земјоделски површини се намалуваат, а се намалува бројот на млади земјоделци, кои сакаат да работат земјоделие.

Земјоделците сметаат дека кога имаме квалитетно домашно производство на некој земјоделски производ, државата треба да го заштити и да го намали неговиот увоз.

Според нив, државата треба да изнајде начин како да го заштити домашното производство. Секоја држава што има можности добар дел од своите потреби да ги задоволи од сопствено производство е помалку ранлива.

Б.С.

Слични содржини