(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) Возач врзал мачка за автомобил и ја влечел по пат

од Nikola Popovski
45 прегледи

Граѓанската асоцијација „Ние за благосостојба на животните/We for Animal Welfare“ поднесе пријава против Н.Н. лице, кое во текот на вчерашниот ден врзало мачка за своето моторно возило и на тој начин ја превезувало на отворен пат.

Тврдат дека ова не е прв, ниту изолиран случај, каде што лица на ваков начин непотребно изложуваат животни на страдање.

-Непрепознавањето на овие дејствија како обележја на кривичното дело „Убивање и мачење животни“ и притоа нивно нормализирање од страна на полициските службеници, а следствено и јавните обвинители, е основната причина зошто овие лица најчесто поминуваат неказнето. Од досегашната официјална статистика со која располага граѓанската иницијатива Ние за благосостојба на животните/We for Animal Welfare, може да се утврди дека бројот на сторители на ова кривично дело е помал од бројот на пријавени кривични дела, што значи дека дел од сторителите се повторуваат. Моменталната казнена политика за ова кривично дело не ги обесхрабрува сторителите од повторување на истото, велат од иницијативата преку објава на социјалните мрежи.

„Ние за благосостојба на животните“ бара итно постапување од страна на надлежните институции и преземање соодветни дејствија, за кои ќе биде известена и јавноста.

Нагласуваат дека од видеото не може точно да се процени во каква состојба е мачката, но како што посочуваат, независно од тоа ова е еден од честите примери на мачење животни на ваков начин.

Се огласија и од Штипската полиција. Информираат дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на настанот.

Основното јавно обвинителство на 16 јануари поднесе обвинение против две лица за кривичното дело – убивање и мачење животни во случајот со усмртувањето на кучето Феликс. Од Обвинителството рекоа дека имајќи ја предвид пред сè вознемиреноста што во јавноста ја предизвика видеоснимката од мачење куче во Момин Поток, веднаш по поднесувањето на кривичната пријава биле преземени дејствија и го прибрале целокупниот доказен материјал. Судскиот процес е во тек.

Во земјава долго време се провлекува проблемот на неодговорното сопствеништво – клучниот причинител зошто во државата има толку голем број бездомни животни. Така, на пример, МВР секојдневно евидентира пријави на граѓани кои се нападнати од уличните кучиња, но коренот на овој проблем останува да тлее – причините за зголемувањето на бројот на бездомните животни не се решава, а наместо тоа постојат обиди да се санираат само последиците, што исто така чини огромни суми пари.

Слични содржини