Американскиот Стејт департмент планира да ги затвори дипломатските претставништва и да отпушти вработени во странство. Американските функционери, вклучително и оние од ЦИА, се загрижени за масовните затворања кои ја попречуваат работата на националната безбедност, а Кина ги престигна САД по глобално дипломатско влијание, пишува „Њујорк тајмс“.
Високи претставници на Стејт департментот подготвија планови за затворање на десетина конзулати во странство до ова лето и размислуваат за затворање на многу други мисии, што може да биде удар за напорите на американската влада за градење партнерства и собирање разузнавачки информации, велат американските власти.
Одделот, исто така, планира да отпушти многу локални граѓани кои работат за неговите стотици мисии. Овие локални вработени сочинуваат две третини од работната сила на агенцијата, а во многу земји тие ја формираат основата на знаењето на американските дипломати за нивната околина.
Сегашниот петнеделен курс, главно за високи дипломати од кариера, вклучително и амбасадори, кои одлучуваат да се пензионираат, има околу 160 запишани лица, што е една од најголемите квоти на оние кои заминуваат во пензија во последно време, изјавил американски официјален претставник.
Околу 700 вработени, од кои 450 се дипломати од кариера, поднеле документи за отказ во првите два месеци од оваа година. Тоа е неверојатна стапка – пред 2025 година, околу 800 луѓе ги напуштиле своите работни места во текот на годината.
Напорите за намалување на дипломатските позиции и персоналот во странство се дел од внатрешната кампања за намалување на оперативниот буџет на Стејт департментот, можеби за дури 20 отсто, според двајца американски претставници запознаени со дискусиите кои се во развој. Како и другите кои зборувале за овој текст на американскиот весник, тие разговарале за чувствителни планови под услов да останат анонимни.
Процесот е забрзан од тим предводен од Илон Маск, кој се вградил во владините агенции во потрага по она што тие го нарекуваат владин отпад. Еден член на тимот, Едвард Користин, 19-годишен инженер кој јавно се нарекува себеси „Big Bolls, е во Стејт департментот и помага да се насочат буџетските намалувања на агенцијата. Неговиот буџет и персонал се мали во споредба со оние на Пентагон.
Меморандум што циркулира во рамките на министерството предлага затворање на десетина конзулати, главно во Западна Европа, според тројца американски официјални лица кои го виделе меморандумот или биле запознаени со него. Оваа акција доаѓа кога Трамп ги оддалечува САД од нивните демократски сојузници во Европа во корист на зајакнување на односите со Русија.
Со 271 глобални дипломатски места, САД заостануваат зад кинеските кои имаат 274, но, во моментов имаат предност во Европа, според студијата на Институтот Лови.
Стејт департментот известил два конгресни комисии за затворањето минатиот месец. И во понеделникот, претставници на одделот им кажаа на комитетите дека планираат да го затворат и конзулатот во Газиантеп, Турција, кој беше центар за американските службеници кои работат со бегалците од соседна Сирија и тамошните хуманитарни групи.
Овие конзулати се мали операции, обично со еден или двајца американски дипломати и персонал од локални граѓани. Но, тие помагаат да се собираат и шират информации на места далеку од главните градови и да издаваат визи.
Во средината на февруари, државниот секретар Марко Рубио испрати меморандум до шефовите на мисии, кои вообичаено се амбасадори, во кој им вели да се погрижат нивоата на персонал во странските служби да се „чуваат на минимум неопходен за спроведување на надворешнополитичките приоритети на претседателот“. Тој порача и дека треба да се укинат сите позиции кои останаа празни две години.