ДУИ бара реакција од НАТО оти ниту еден Албанец нема клучна позиција во Армијата

од Nikola Popovski
36 прегледи

ДУИ преку соопштение повторно реагира за позициите на Албанците во АРМ. Од ДУИ велат дека за прв пат од потпишувањето на Охридскиот договор ниту еден Албанец нема клучни позиции во армијата. Обвинуваат и дека „отстранувањето на единствениот албански генерал од Оперативната команда ги остави Албанците без застапеност на четирите највисоки воени позиции“.

„Понатаму, именувањето на генералите Орце Јордев и Мирче Ѓоргоски кои добија негативни одговори од НАТО за безбедносни сертификати, предизвикува сериозна загриженост за стратешката ориентација на нашата земја. Овие случувања укажуваат на тренд кон анти-НАТО, просрпско и проруско лидерство во војската, додека Албанците се систематски исклучени од безбедносниот систем.

За прв пат Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Воената агенција немаат Албанци на раководни позиции. Ова намерно исклучување на Албанците од клучните безбедносни институции претставува сериозна закана за државната безбедност и отвора прашања за намерите зад ова етничко чистење во безбедносниот систем.

Во оваа алармантна ситуација, албанските партии во Владата мора да престанат со својата улога на застапници на антиалбанска и исклучувачка политика. Албанците нема да останат неми гледачи туку ќе реагираат за да се заштитат себеси и своите интереси. Ја повикуваме меѓународната заедница, особено НАТО, да интервенира за да се справи со ова систематско исклучување и да обезбеди С.Македонија да остане посветена на демократските вредности и стратешките партнерства“, соопштија од ДУИ.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во согласност со одредбите од Законот за одбрана, со укази изврши поставување на старешини на формациски места предвидени за генерали. Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, досегашниот началник на штаб во Командата за операции, е поставен за командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата.

Бригадниот генерал Бесник Емини, досегашниот командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана. Бригадниот генерал Орце Јордев, досегашниот советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата.

Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашниот директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции. Полковникот Васко Коколански е разрешен од должноста командант на Командата за обука и доктрини и тој ќе биде поставен во Генералштабот на Армијата.

Полковникот Лулзим Нуредини е поставен на должност командант на Командата за обука и доктрини и со указ на претседателката е унапреден во чин бригаден генерал.

Слични содржини