Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување на ТВ Алсат М, предупреди за растечкиот проблем со нелегалните онлајн игри на среќа, кои, според него, претставуваат „пандемија“ што особено ги погодува младите и тинејџерите.
„Нашите граѓани, особено младите, се заразени од оваа пандемија. Тинејџерите, кои не можат да учествуваат во легалните игри на среќа, го наоѓаат патот до нелегални онлајн приредувачи“, истакна Андоновски.
Тој предупреди дека еден од најголемите ризици е неовластеното користење на лични податоци и финансиски информации. „Граѓаните ги користат своите кредитни и дебитни картички без да знаат каде завршуваат нивните податоци, што може да доведе до финансиски измами“, објасни министерот.
За справување со овој проблем, најави измени во Законот за електронски комуникации, кои ќе овозможат блокирање на нелегалните онлајн приредувачи на игри на среќа во соработка со Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
„Со законските измени, граѓаните нема да можат да пристапуваат до овие сајтови, а новите нелегални приредувачи ќе бидат веднаш отстранети“, нагласи Андоновски, додавајќи дека Владата ќе продолжи да работи на заштита на граѓаните од онлајн измами.