Интерпелација не може да се примени за уставните судии, велат од Судот

од Nikola Popovski
27 прегледи

Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија, ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт – став на Уставниот суд, по најавите за интерпелација на уставни судии.

Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки акти и дејствија, а самостојноста и независноста на Уставниот суд е најсилна уставна гаранција, велат од судот. Посочуваат дека овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии.

-Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд, додаваат оттаму.

Основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот. Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд, стои во соопштението.

Партиски луѓе не треба да има во судството, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со интерпелација на Судскиот совет и барањето на оставка на државниот обвинител Коцевски.

-Последниот браник и цврст штит во моментот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите меѓу кои е именуваното лице за коешто вие сега зборувате.  Најголемиот дел би рекол 95% од обвинителите и судиите се луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, коишто обвинуваат и судат според закон и Устав. Но, за жал има и такви коишто останаа да бидат партиски измеќари и коишто ценат дека кога ќе ја облечат тогата наместо да заборават на партиските привилегии и оние коишто ги предложиле таму, тие се уште се верни слуги на истите коишто на времето ете бидејќи такви се законите и процедурите ги предложиле да бидат таму каде што се, изјави Мицкоски.

И по интерпелацијата, членовите на Судскиот совет се на своите работни места и си ги завршуваат своите обврски. Собранието им изгласа недоверба за нивното вршење на функцијата, ама тие велат дека дале сѐ од себе во своето работење.

Интерпелацијата се однесуваше на пет членови од Судскиот совет-  Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Слични содржини