Чија е одговорноста – ова е најчестото поставуваното прашање по еден од најцрните денови во Македонија откако изгубивме 59 наши сограѓани при пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Јавноста бара одговори, а според реакциите, општеството тешко дека само одеднаш ќе се помири со огромната загуба, со оглед дека не е прва ваква трагедија која произлегува од корумпираниот систем. Според експертот за безбедност, Александар Илиев во ситуацијата веројатно имало пропуст од вработени во Државен пазарен инспекторат, МВР и од општината. Во разговор за „Локално“, вели дека не му е јасно што утврдиле и контролите на УЈП.
-Ние како држава според Акцискиот план за справување со хибридни закани имавме планирано да создадеме способност за справување со настани во кои има 1000 загинати или повредени, но очигледно и тоа не е направено. За жал, само декларативно се нафаќаме да се менуваме, правиме планови, понекогаш менуваме и закони, но во пракса не покажуваме дека имаме политичка волја и знаење за промени, истакнува Илиев.
Соговорникот објаснува дека настаните во „Пулс“ се јавно објавувани на социјални мрежи и доколку истиот не бил пријавен во МВР и поради тоа ОВР Кочани не презело мерки, МВР треба да размисли да го смени начинот на работа, во однос на следење на состојбата преку онлајн медиуми и социјални мрежи.
-Меѓутоа, доколку лица од ОВР Кочани знаеле за настанот тие биле должни да стапат во контакт со организаторот за да го советуваат за пријавување на истиот. Во тој случај ќе се знаело за користење на пиротехниката и ќе биле известени и органите за противпожарна заштита, како и службите за итна медицинска помош, посочува Илиев.
Според министерот, некои надлежности не се на полицијата и дискотеката не исполнувала никакви технички услови, но имало сознанија дека е нелегален објект и имало прекумерна бучава. Според Илиев, најголема одговорност за несоодветната употреба на објектот има општинската власт. Истакнува дека општината ја има надлежноста да изврши надзор и да даде одобрение за градба или реконструкција на објект, како и да ја дозволи намената на објект.
-Општината има сектор за урбанизам, заштита на животна средина и комунални работи кој врши надзор и кој имал обврска да реагира. Меѓутоа, тоа не значи амнестија за други државни органи кои не постапувале во нивните надлежности. Не треба да се занемари дека било очигледно дека објектот не ги исполнува законските услови и тоа требало да предизвика интерес на органите на МВР. Затоа, потребна е внатрешна истрага во МВР, оценува експертот за безбедност.
Вреди да се спомене и дека, вели Илиев, иако во април 2021 година, Владата донесе акциски план во кој се предвидуваше да создадеме способност за справување со настани во кој има голем број жртви, тоа не е сторено. Според него, доколку тоа беше сторено, многу полесно ќе се справевме со големиот број жртви од трагедијата.
-За жал, досега како држава не покажавме силна политичка волја и поседување експертиза да создадеме повисоко ниво јавна безбедност, тврди соговорникот.
Околу меѓусебните обвинувања на власта и опозицијата кој е виновникот, Илиев тврди дека треба да се погледнеме самите искрено и да прифатиме дека одговорност имаме сите ние.
-И јас како граѓанин чувствувам вина, а од неа не треба да бегаат ни политичарите. Логична е претпоставката дека системот на државата потфрлил и дека можни причини за тоа се корупција, нестручност, ниско ниво на морални вредности, нормализација на ненормалното, фокус на профит и занемарување на безбедноста. Меѓутоа, кривичната одговорност е индивидуална и за ова треба да се поведат постапки против одговорните лица, без разлика на чија партија биле наклонети. Исто така, партиите треба да прифатат дека е нормално граѓаните да се гневни, да протестираат и да бараат одговорност кога се случила ваква трагедија. Истовремено, политичарите сега имаат можност да направат законски промени и да преземат мерки против одговорните. Така ќе покажат дека се дел од народот, дека се демократи и дека мислат на општото добро, а не само на партискиот интерес. Експертите треба да се борат, безбедноста на критичната инфраструктура и јавните места да се регулира со закон. Истовремено, сите ние како граѓани треба да бараме суштински промени за безбедноста на јавните места и во борбата против корупцијата, заклучува експертот по безбедност.
Трагедијата во Кочани претставува масовно убиство – тука нема милост, за уши ќе ги вадиме и ќе одговараат, порача премиерот Христија Мицкоски. Тој откри дека на ниво на држава се издадени само 12 лиценци за кабареа, што значи дека огромен број објекти работат на диво.
Министерот за здравство, Арбен Таравари го претстави најновиот пресек на состојбата на повредените и најави посета на повредените кои беа испратени во Солун и Софија. Пациентите од Кочани и Штип се пренесени во Скопје. Неколкумина сè уште се во критична состојба.
Над 50 повредени се пренесени на лекување во странство, а напомош во Македонија пристигнаа 15 специјалисти од странство.
Н.П.