Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, го забележа второто најлошо деби за Ферари во 21-от век – 10-то место на финалето на Гран При на Австралија вчера. Полошо од Британецот се претстави само Лука Бадоер, кој дебитираше за Скудерија на Европското ГП во 2009 година и заврши само на 17. место.
Двајца возачи овој век забележаа победа во нивниот прв старт за Ферари – Кими Раиконен во Австралија во 2007 година и Фернандо Алонсо во Бахреин во 2010 година.
Уште двајца успеаја да се качат на подиумот во своето деби за италијанскиот тим – Во 2000 година, Рубенс Баричело заврши на второто место во Австралија, а во 2015 година, исто така во Австралија, Себастијан Фетел стигна до третото место.
Уште пет возачи имаат подобар пласман од Хамилтон на нивната прва трка со Црните коњи: Шарл Леклер (5-ти во Австралија 2019), Оливер Берман (7-ми во Саудиска Арабија 2024), Карлос Саинц (8-ми во Бахреин 2021 година), Фелипе Маса (9-ти во Бахреин 2006-та година) и Џанкарло Физикела (9-то во Италија 2009 година во Монца).
Најуспешниот Формула 1 возач на Ферари, Михаел Шумахер, кој освои пет од неговите седум светски титули со Скудерија, излета на својата прва трка за тимот во Австралија во 1996 година.