АЦВ: Лицата што управувале со дронови за време на протестите немале регистриран операторски статус

од Даниел Ѓорѓиевски
193 прегледи

Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) реагира дека новинарските екипи на ТВ21 и Ројтерс синоќа снимале со дрон на масовниот собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје без соодветна дозвола, со што го прекршиле „Правилникот за воздухоплови без екипаж“. Овој правилник стапил на сила во јуни 2024, со одложена примена од јануари 2025 година.

Според соопштението на АЦВ, новинарите биле повикани на службен разговор во полиција и по разговорот биле ослободени.

Агенцијата потенцира дека во текот на 2024 година спровела информативна кампања за новите регулативи, а на 14 декември организирала работилница за сите заинтересирани. Дополнителни информации биле достапни на веб-страниците на АЦВ и на порталот за дронови.

„Прекршувањето на правилата под изговор ‘не сме знаеле’ е неприфатливо“, наведуваат од АЦВ.

Од таму додаваат дека забраната за директно надлетување на луѓе е на сила веќе десет години и е предвидена во „Уредбата за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор“.

АЦВ појаснува дека операторите на дронови морале да бидат регистрирани и да поседуваат сертификати за далечински пилоти. Освен тоа, единствено би можеле да снимаат во близина на луѓе со посебно одобрение издадено од АЦВ, кое се добива по административна постапка и проверка на безбедносните стандарди.

Според агенцијата, надзор врз употребата на дронови покрај нивните инспектори можат да вршат и полициски службеници.

 

Слични содржини