Во овој момент, делува дека нема да дојде до брзо решение, како што предвидуваше и ветуваше Трамп, изјави за „Локално“ извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, во врска со досегашниот тек на преговорите помеѓу САД и Русија за мир во Украина. Тој истакна дека ситуацијата е многу комплицирана и дека ќе бидат потребни значителни отстапки од украинска страна.
„Ситуацијата е многу неизвесна. Во овој момент, делува дека нема да дојде до брзо решение, како што предвидуваше и ветуваше Трамп. Очекувам дека ќе се случат значителни концесии од страна на Украинците, кои ќе се откажат од територии и ресурси за да добијат какви-такви сигурносни гаранции. Путин сè уште не е во позиција да мора да се согласува на примирје,“ смета Николовски.
Според Николовски, преговарачките тактики и општа меѓународна политика на американскиот претседател Доналд Трамп не даваат посакувани резултати и се покажуваат како антагонистички. Тој истакна дека меѓународната позиција на САД ослабува, иако не исклучува можност за успех во однос на Украина во блиска иднина.
„Засега, преговарачките тактики и општа меѓународна политика на Трамп се покажуваат како антагонистички, а меѓународната позиција на САД ослабува. Тоа не значи дека нема да има успех во некоја блиска иднина во однос на Украина, но ситуацијата е потешка отколку што тој ја замислувал. Очигледно, неговите перцепции дека околу војна и мир се преговара како околу бизнис се погрешни,“ изјави Николовски.
Николовски смета дека успехот на военото поле може да создаде подобра позиција за преговорите во иднина, но предупреди дека не треба да се заборави правниот статус на териториите. За нападите на Украина на руските територии, Николовски смета дека тие само дополнително ги комплицираат преговорите за мир.
„Секако, успехот на военото поле создава подобра позиција за преговорите во иднина, но не смееме да заборавиме на правниот статус на овие територии. Русија ги анектира и освоените територии, а дури и оние кои не ги освоила, додека Украина само врши окупација на руски територии. Оваа ситуација ќе донесе дополнителни компликации во преговорите,“ изјави Николовски.
Николовски смета дека Европа нема да биде доволно брза да се консолидира и да изврши значајно влијание во преговорите за мир. Според него, ситуацијата ќе остане зависна од клучните лидери, како што се Доналд Трамп, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
„Сметам дека Европа нема да биде доволно брза да се консолидира за да може да изврши значајно влијание во преговорите за мир. На крај, ќе остане да зависи од Трамп, Путин и Зеленски,“ нагласува Николовски.
Николовски истакна дека Европската Унија и НАТО ќе мораат да направат значајни промени во своето идно делување за да осигураат безбедност од потенцијалните закани од Русија. Тој предупреди дека, дури и по завршувањето на војната во Украина, Русија ќе продолжи да се обидува да ја загрози Европа, особено во регионите на Балтикот.
„Сметам дека ЕУ и НАТО ќе мора да извршат значајни промени во своето идно делување за да имаат сигурност од евентуалните закани по безбедноста од страна на Русија. Не очекувам дека, дури и по завршувањето на војната во Украина, Русија нема да се обиде повторно да ја загрози Европа, особено на Балтикот,“ завршува Николовски.
Д.Ѓ