„Проблеми во рајот“ или „ловечки приказни“: Дали Таравари прави раскол во ВЛЕН?

„Нешто мириса“ во ВЛЕН: „Кога имаш коалиција од четири партии, сосема е очекувано секоја да се бори за сопствените интереси и позиционирање“

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

„Проблеми во рајот“ или шпекулации – вака може да се постави дилемата откако дел од медиумите на албански јазик објавија дека еден од лидерите на ВЛЕН и министер за здравство размислува да ја напушти коалицијата составена од членови на четири партии. Наводно, причината за ова се несогласувањата околу распределбата на кандидатите за локалните избори во октомври, при што тој побарал најмалку 40% од кандидатските позиции да му припаднат нему односно на членови од крилото на Алијанса за Албанците кое тој го предводи.

Дали се заканува раздор во ВЛЕН?  За дел од јавноста, со оглед на бројноста во ВЛЕН, секоја партија се бори сама за себе. Според Бесим Небиу, бидејќи ВЛЕН не е една партија, туку коалиција од четири различни субјекти, сосема е очекувано секоја партија да се бори за сопствените интереси и позиционирање.

Бесим Небиу

-Бројот на градоначалници, е важен индикатор за политичката тежина на секоја партија– тоа е капитал кој се користи во секои понатамошни преговори. Во интерес на секоја од партиите е да има што поголемо и посилно локално присуство, бидејќи тоа директно влијае на нивната релевантност и преговарачка моќ, истакнува аналитичарот за „Локално“.

Во текот на вчерашниот ден, Таравари бил запрашан дали се сретнал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на што негирал но истакнал дека има канали на комуникација… За Небиу, состаноци со ДУИ можат да бидат нормална работа и никој не треба да прави драма околу тоа.

-Кога тие се случуваат паралелно со внатрешни коалициски преговори, јасно е дека може да се користат како средство за зголемување на преговарачката позиција. Како политичка тактика е легитимна, но и ризична ако се наруши довербата внатре во коалицијата, наведува соговорникот.

Запрашан дали работата е „напумпана“ од медиуми и лица блиски до ДУИ, Небиу истакнува дека се подразбира како медиумте блиски на партијата од Мала Речица би сакале ова да го прикажат како увертира во распад на ВЛЕН и формирање на нови коалиции.

-Додека круговите блиски до ВЛЕН да ги амортизираат внатрекоалициските превирања, но и тоа е дел од демократскиот амбиент и процес, заклучува Небиу.

Според професорот и аналитичар, Башким Селмани, работите од надворешната страна ако ги гледаме низ призмата на политички движења и убедувањата врз електоратот, голем број на гласачи не се задоволни од постапките во вакви времиња. Во разговор за „Локално“, вели дека граѓаните не се задоволни од позицијата и опозицијата и изгледа сега прават математика за нивните интереси.

Башким Селмани

-Во однос на граѓаните и нивната моментална состојба, особено по овој краток период на трагедијата во Кочани, не би требало во ова време и место за такви однесувања и борби за нивните политички позиции. Мислам дека се на погрешен пат. Не ги гледаат основните проблеми на граѓаните Најосновниот проблем на сите нас е економската состојба и јавниот долг. Сите да бидат искрени, најважни се економските проблеми. Оваа политичка состојба меѓу позицијата и опозицијата не е во интерес на граѓаните и тоа тие го знаат, истакнува Селмани.

Околу изјавата на Таравари за „канали на комуникација“ со ДУИ, соговорникот смета дека ваквата реченица дава до знаење дека нешто се случува во внатрешните односи.

-Тој призна дека има контакт, но дали е директно или индиректно, не ни игра улога. Она што сите забележиле, политичарските партии не извлекоа ниту една паметна идеја за граѓаните и убедени сме дека ниту еден објект, од македонската и албанската страна,  не седнаа на маса за како да ги решаваат основните проблеми. Требаше да се соберат сите. Нас најмалку не интересира за она што се случува кај нив. Неморално е баш сега да постапуваат. Втор аспект е дека доколку сакаат така да настапат на локални избори, таквите информации ги имаат меѓусебе, но ние како граѓани не, оценува Селмани.

Запрашан дали се точни дел од информациите, Таравари денеска рече дека ваквото прашање е ирелевантно за моменталната состојба и трагедијата во Кочани. Според него, меѓукоалициските разговори се политички теми.

-Денеска сум фокусиран на темата здравство. Во коалицијата ВЛЕН состојбата е релативно стабилна. И во владината коалиција, се е во ред досега, рече кратко Таравари на прес-конференција.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека за локалните избори и случувањата во ВЛЕН нема таква информација за напуштање на Таравари. Напротив, вели тој, владината коалиција функционира одлично. Во однос на изборите и како ќе се позиционира ВЛЕН, премиерот вели дека прашањата треба да се адресираат кон нив.

-Не сум сигурен дека целата опозиција е заинтересирана за предвремени парламентарни избори, но ако се договориме, ние сме секогаш подготвени за избори, додаде Мицкоски.

Претходно Таравари преку социјалните мрежи повика на единство, истакнувајќи дека фокусот треба да биде на доброто на народот, а не на победата на поединечни партии. Подоцна, во неговата изјава тој го прошири овој концепт, нагласувајќи дека приоритет треба да биде безбедноста на граѓаните и решавањето на трагедиите кои ја погодија земјата во последните години – од несреќата во Ласкарце, преку пожарот во модуларната болница, до трагедијата во Кочани.

Претседателот на Алтернатива и еден од лидерите на ВЛЕН, Зеќирија Ибрахими денеска објави дека „ВЛЕН не е и не треба да биде калкулатор што го пресметува начинот на добивање моќ“.

-Идејата за воспоставување на ВЛЕН беше и останува рушење на гнилиот систем и негова замена со нов систем, ослободен од корупција и со нова визија за претставување. Од опозициско движење во минатото, до владејачка коалиција денес, ВЛЕН не е и не треба да биде калкулатор што пресметува дека начинот на кој се добива власт. Затоа, дебатите за бројки и проценти биле и остануваат периферни прашања во ВЛЕН. Единственото прашање кое е важно, тогаш и сега е дали ние сме тие што ќе го срушат режимот и ќе ја направиме промената? На изминатите избори албанските граѓани ни веруваа за ова и ни дадоа мандат. Следните избори бараат ист одговор. ВРЕДНОСТА е идејата која ВРЕДИ, истакна тој во објава на социјалните мрежи.

ВЛЕН е составена од Движење Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Демократско Движење. ВЛЕН ја доби позицијата „прв вицепремиер“ за која имаше најави од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се укине. Неа ја извршува Изет Меџити, претседател на Демократското движење, кој е поранешен функционер на ДУИ и ексградоначалник на Чаир. Тој е и министер за животна средина. Коалицијата доби уште едно вицепремиерско место – за добро владеење. Тоа го врати Арбен Фетаи на работа од Брисел во Скопје. Станува збор за секретарот за надворешни работи на Алијанса на Албанците и шеф на кабинетот на Арбен Таравари. Функција доби и Орхан Муртезани. Тој беше директор на МЕПСО во време на претходната влада, а сега е министер за европски прашања од редовите на Алтернатива. Беса, пак, како дел од ВЛЕН даде две кадровски решенија – Фатмир Лимани за министер за социјална политика, демографија и млади и Бесар Дурмиши за министер за економија и труд. Од редовите на оваа коалиција доаѓа и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Н.П.

Слични содржини