Владата без одговор на прашањата на „Локално“ дали функционерите ќе го прифатат предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија за минимална плата за сите владини функционери, но со официјално соопштение во кое нагласуваат дека компарациите на ССМ се популистичка агресија која ја потврдува партиската позадина на раководството на синдикатот.
„Обидите за компарации на платите и популистички изливи на агресија само ја потврдуваат партиската позадина на дел од раководството на синдикатот. Кога прават компарации на платите, треба да ги потсетиме дека ние како влада бевме против зголемувањето на платите на функционерите, а синдикатот тогаш молчеше за своите партиски миленици од СДСМ и ДУИ. Како што молчеа со години додека СДСМ беше на власт, а државата ја уништуваа, ограбуваа и продаваа. Но тоа е зад нас.“нагласуваат од Владата.
За барањата на првиот човек на ССМ да има иста плата со претседателот на владата, според ставовите изнесени од владата, Трендафилов прво треба да победи на следните парламентарни избори и да биде дел од листите на СДСМ.
„Барањето на претседателот на ССМ да има иста плата со претседателот на владата е контроверзно. За премиерот да има иста плата со претседателот на синдикатот, претседателот на синдикатот треба прво да победи на следните парламентарни избори и да има договор за да се најде на листите на СДСМ. Тогаш, ако го изгласа народот, ќе видиме дали така лесно ќе се откаже од платата. Штом е подготвен коцкарски да се откаже од својата плата, тоа лошо зборува за него и за блеферската природа на неговата личност. Впрочем, само човек што има многу пари лесно може да се откаже од половина плата,“ стои во соопштението.
Од владата сметаат дека проблемот на работниците може да се реши системски и со вистински пристап. Оттаму нагласуваат дека пристапот на ССМ е погубен, и тие играат рулет со нешто кое за нив е обид за политичка кариера и злоупотреба, а за нас е прашање на животот на работниците.
Имено, за време на денешната средница на Сојузот на синдикати, која започна од Работничкиот дом, преку Собранието и Стопанската комора заврши пред зградата на Владата. Оттаму, првиот човек на ССМ Трендафилов истакна дека на јавната седница на Собранието на ССМ донеле едногласна одлука за цела Влада и сите функционери да бидат на минимална плата.
„ССМ и органите и телата ви донесоа одлука сите вие на минималец. Доколку не ја почитувате, можен е генерален штрајк, а доколку не ги зголемите платите на работниците, можни се протести. Денеска сме тука за да побараме од вас. Имате партиски синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира и на кои им давате ветер во грб за да вршат притисоци. Извадете ги розевите наочари и читајте ги коментарите на луѓето по социјалните медиуми. Не сме за рушење на Владата, туку за притисок за зголемување на платата,“ нагласи меѓу другото првиот синдикалец пред Владата.