Трамп потпиша царини од 33 отсто за увоз од Македонија

од Nikola Popovski
308 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп го објави воведувањето реципрочни царини со кои ќе се воведат дополнителни царини за земјите што извезуваат роба и стоки во Соединетите Американски Држави, вклучувајќи 34 отсто за Кина и 20 отсто за Европската унија.

Трамп, за време на говорот во Белата куќа во Вашингтон, покажа табела наречена „Реципрочни царини“ на која тарифите наметнати од други земји кон САД се споредуваат со тарифите на Вашингтон.

Како што беше соопштено подоцна, на увозот од Македонија се воведени царини од 33 отсто, од Босна и Херцеговина 35 отсто и од Србија 37 отсто.

Што се однесува до Албанија, Црна Гора и Косово, за тие три земји е поставена царина од 10 отсто, како што наведе Трамп во текот на својот говор како „минимална основна царина“.

Тој наведе и дека се воведуваат царини од 26 отсто за Индија, 24 отсто за Јапонија, 10 отсто за Велика Британија, 31 отсто за Швајцарија…

Големиот графикон што Трамп го покажа на прес-конференција покажува дека САД ќе воведат царини од 10 отсто за Обединетото Кралство, 46 отсто за Виетнам, 24 отсто за Јапонија, 26 отсто за Индија, 25 отсто за Јужна Кореја и 36 отсто за Тајланд.

Трговската размена на Македонија со САД лани била 314 милиони долари: извозот од Македонија бил 118 милиони долари – претежно тутун, облека, железо и челик, а биле увезени производи од САД за 196 милиони – главно електрични машини и опрема. Според пресметките на американската администрација, царини од 33% е половина од 65% македонски царини за американски производи увезени во државата.

Повеќе држави како и ЕУ најавија реакции и контра мерки во трговската војна која ја отворија САД и Трамп.

Слични содржини