Што значат царините на Трамп за Македонија? Витанов: Нашиот текстил и прехрана ќе мора да се свртат кон дел од земјите во БРИКС

Витанов: Владата веднаш да започне со билатерални преговори со сите земји од БРИКС за намалување или укинување на царините

од Nikola Popovski
2,6K прегледи

САД му објави историска трговска војна на светот. Воведува основен данок од 10 насто на увозот од сите земји и уште повисоки царини за 60 други, меѓу нив и за Македонија и земјите од регионот. Србија е погодена со највисока стапка од 37 насто, Босна и Херцеговина со 35, а нашата земја со 33 проценти. Косово и Албанија ќе плаќаат данок од 10 насто. Американскиот претседател Доналд Трамп ги објави долгонајавуваните тарифи за кои, како што тврди, повторно ќе ја преродат американската индустрија и ќе ја збогатат земјата. „Хроничните трговски дефицити повеќе не се само економски проблем. Тие се национална вонредна состојба што ја загрозува нашата безбедност и начин на живот, многу голема закана за нашата земја. И од овие причини, спроведуваме реципрочни царини за другите нации. Ова е моментот кога ќе ја збогатиме Америка повторно! Нашите работници и бизниси беа жртви на странски мршојадци, но тоа завршува денес“, изјави Трамп.

Македонија во незгодна позиција

Според економистот, Зоран Витанов, Македонија најмногу извезува текстил и прехрана во САД, што е роба која лесно може да се прилагоди и извезе во други алтернативни пазари. Како што вели тој во изјава за „Локално“, македонските стопанственици ќе мора да се прилагодат на таа одлука.

Витанов не очекува дека Трамп наскоро ќе се предомисли со царинските стапки.

-Баш поради типот на индустријата, моја препорака е дека нашиот текстил и прехрана ќе мора да се сврти кон некои од земјите во БРИКС. Апелирам Владата веднаш и интензивно да започне со билатерални преговори со сите земји од БРИКС за намалување или укинување на царините, посочува економистот.

Според Витанов, Владата може да ја контактира американската администрација и да инсистира на намалување на таа стапка од 33 на 10%.

Македонија е, речиси, израмнета со главниот економски конкурент на САД, Кина која доби стапка од 34% царини за своите производи извезени во САД. Кина, Мексико и Канада се трите најголеми извозници на стока во САД. Македонија во јануари во 2025 година имала позитивен трговски биланс со САД, поголем извоз од увоз на американски производи, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика. Земјава извезла стока во вредност од околу 21.800.000 милиони долари. Со царинската стапка од 33%, цената на таа стока ќе биде за третина поскапа, односно кога ќе стигне на американско тло ќе чини околу 29 милиони долари поради што ќе поскапат и македонските производи на американскиот пазар.

Новите трговски практики на Вашингтон посебно ги погодија Канада, Мексико и Кина. Мерките предвидуваат дополнителни царини од 34 насто за сите кинески производи, покрај веќе наметнатите 20 проценти. Производите од ЕУ ќе се царинат со 20 насто. За Јужна Кореја 25, еден насто помалку за Јапонија и 32 проценти за увоз од Тајван. Од денеска стартува и данокот од 25 насто за сите автомобили увезени од странство. „Ако ја погледнете Кина – гледате 67 проценти, но ние ќе наплаќаме реципрочна тарифа со намалена цена од 34%. Со други зборови, им наплаќаме помалку, па како може некој да биде вознемирен?“, кажа американскиот претседател.

Но, вознемиреноста во светот расте. Реакциите не стивнуваат. Кина најави одлучни контрамерки, Канада ќе се бори со сета сила, а Австралија е лута и бара преговори. Реагираа и од Брисел.

„Последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе ширум светот. Се согласувам со Трамп дека неправедно се искористуваат сегашните правила и подготвена сум да го поддржам да го направиме глобалниот трговски систем погоден. Од самиот почеток сме подготвени да преговараме, да ги отстраниме преостанатите бариери за трансатлантската трговија, но во исто време, подготвени сме и да одговориме“, изјави претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

Трамп доби укор и од американскиот сенат. Демократите добија поддршка од неколку републиканци. Усвоија резолуција која треба да ја попречи намерата на претседателот да воведе царини за Канада. Во истовреме, аналитичарите предупредуваат дека ризичниот потег на Трамп се заканува да ја втурне економијата во пад и да ги уништи повеќедецениските сојузи. Глобалните акции веќе забележаа голем пад.

Н.П.

Слични содржини