На почетокот на учебната 2024/2025 година, во редовните основни училишта во државата се запишани 180.627 ученици, што претставува намалување од 0,8 проценти во однос на претходната учебна година. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, и бројот на средношколци е намален за 0,2 проценти во споредба со минатата година. На почетокот на 2024/2025 година, во средните училишта имало 67.143 ученици.
Во основните училишта, на почетокот на 2024/2025 година, имало вкупно 180.627 ученици, додека минатата учебна година бројот на учениците изнесуваше 182.124.
Иако бројот на ученици во основните училишта е намален, забележан е пораст на бројот на наставниците. Минатата учебна година имало 18.831 наставници, додека оваа година бројката се искачила на 19.447.