Рубио: Трамп нема да учествува во бескрајните преговори со Путин

од Milan1
57 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп нема да биде вовлечен во бескрајни преговори со Владимир Путин за прекин на огнот во Украина, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио, додека сојузниците во НАТО бараат од шефот на Белата куќа да го зголеми притисокот врз Русија, пренесува британски „Телеграф“.

Зборувајќи на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО, Рубио ветил дека САД „во рок од неколку недели ќе знаат дали Русија е сериозна во врска со мировниот договор“, пишува британски Телеграф.

Велика Британија и Франција претходно го повикаа Трамп да заземе поостар став против Путин, чии сили продолжуваат да ја бомбардираат цивилната и енергетската инфраструктура во Украина, откако американскиот предлог за прекин на огнот беше одбиен.

„Претседателот Трамп нема да падне во замката на бескрајните преговори. Ќе знаеме доволно брзо, за неколку недели, а не за месеци, дали Русија е сериозна за мир или не. Оваа ситуација нема да трае вечно. Има одредено време до кое ќе чекаме. Дотогаш ќе видиме дали се подготвени за мир или не, а тоа време доаѓа брзо“, рече Рубио.

Американскиот државен секретар одби да каже кога официјално ќе истече рокот на Путин да го потпише договорот, но посочи дека трпението на Трамп е при крај и дека САД ќе ги зголемат санкциите против Русија.

„Се надеваме дека Москва ќе биде подготвена за мир. Конгресот веќе почна да работи на нацрт-законот за санкции и притисокот веќе расте од Капитол. Ќе испратиме пораки до Москва и ќе се надеваме дека тие ќе бидат подготвени за мир“, изјави Рубио

Слични содржини