Во близина на мостот на Серменинска река во гевгелиското село Мрзенци, синоќа во 20.00 часот на земјен пат полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица лишиле од слобода малолетник од Скопје.
При контрола во возило „хјундаи“, кое тој го управувал, а на кое имало скопски регистарски таблички кои припаѓале на друго возило, соопштија денеска од МВР, биле пронајдени седум лица мигранти од Египет.
– Откако бил забележан од полициските службеници тој се обидел да побегне, но набргу бил фатен и приведен во полициска станица, а мигрантите биле сместени во прифатно – транзитен центар, се појаснува во соопштението.
По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.